Објавено на 29 Август, 2024 во Вести, Вести
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери за натпреварите од почетокот на Лигата на нациите против Фарски Острови (7. Септември) и Ерменија (10. Септември). Деби повик во најдобрата селекција доби Кристијан Трапановски од шкотски данди Јунајтед. Поради повреда на списокот не се најде голманот Дејан Илиев.
Благоја Милевски - селектор на македонската А репрезентација
„На списокот со повикани фудбалери нема поголеми измени од оние кои ги завршија квалификациите за ЕП. Фудбалерите на кои сметаме покажаа дека имаат потенцијал да се тука и понатаму. Жал ми е што Дарко Велковски е без клуб и нема да биде во комбинација за настап на двата меча. Дени Илиев исто така нема да биде во составот поради повреда. Дебитант е Кристијан Трапановски кој со настапите за Данди Јунајтед заслужи да биде дел од тимот. Ги следев неговите игри и пред да направи трансфер во Шкотска, разговаравме и беше свесен за одредени недостатоци во играта. Познавајќи го каков карактер е, на добар пат е да се наметне и во репрезентацијата. Неколку фудбалери од младата селекција се потенцијални за повик во А тимот. По крајот на нивните квалификации за ЕП, неколкумина од нив би требало да се приклучат во нашата репрезентација„.
„Фарски Острови се незгоден противник, агресивен и дисциплиниран противник. Се игра на вештачка трева и ќе мора да се навикнеме и на тој момент. Мора да сме на максимумот на можностите, сите ставени во функција на тимот, но со респект кон секој противник во групата. Фарски Острови не се наивни, условите ќе бидат тешки и мора да се потрудиме максимално“.
„Оваа Лига на нации, дава можност за пласман на Светско првенство, но патот до таму е навистина тежок. Не очекуваат противници кои се незгодни, физички одлично подготвени,играат дисциплинирано и со доста динамика.Мирен сум дека пред септемврискиот циклус, речиси сите ги минаа подготовките и се максимално спремни, за разлика од јунскиот прозорец кој секогаш ни бил проблематичен“.
„Не ме загрижуваат лошите резултати на последните пријателски натпревари. Свесно ги одбравме ривалите за контролните мечеви. Како селектор не бркам рејтинг преку Сан Марино и Андора, битно ми е играчите да напредуваат преку квалитетни тестови со силни ривали. Иако ги загубивме двата натпревари против Чешка и Хрватска имаше позитивни, како и негативни работи. Не сум задоволен од натпреварите во јуни, за разлика од тие во март за кои немав што да замерам, освен за реализацијата“.
Првиот натпревар против Фарски Острови се игра на 7 септемвриод 15:00 часот, а вториот дуел е закажан на 10 септември од 20:45 часот против Ерменија во Скопје.