Масар Омерагиќ домаќин на раководството на Црвена Звезда предводено од Терзиќ и Мијаиловиќ

Објавено на 17 Април, 2025 во Вести


Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ денеска во “Куќа на фудбалот” оствари средба со највисокото раководство на Црвена Звезда, предводено од Звездан Терзиќ и Светозар Мијаиловиќ. На средбата во ФФМ присуствуваше и спортскиот директор на ФК Вардар, Игор Ивановски.

Првиот човек на македонскиот фудбал изрази благодарност за поддршката и благородниот гест што клубот од Белград го даде за настраданите во неодамнешната несреќа во Кочани, истакнувајќи ја важноста на хуманитарниот натпревар што се одигра синоќа на Националната арена во Скопје помеѓу Вардар и Црвена Звезда. 

Настанот, организиран со поддршка на ФФМ, имаше за цел да собере средства за помош на семејствата погодени од трагедијата во Кочани.

Посетата на највисокото раководство на Црвена Звезда претставува чекор напред во продлабочувањето на пријателските односи помеѓу двате фудбалски институции и поттик за идни заеднички проекти насочени кон развој на фудбалот во регионот.

Масар Омерагиќ - претседател на ФФМ: 

Ни беше чест да бидеме домаќини на раководството на Црвена Звезда - еден од најдобрите клубови на нашите простори, но исто така, клуб што отсекогаш бил поврзан со македонскиот фудбал и народ. 

Црвена Звезда не е само спортски гигант, туку и модел на организација и професионализам кој треба да се следи. Доколку сакаме македонскиот фудбал да се доближи до европските стандарди, мора да учиме од најдобрите во регионот и да градиме партнерства. Пријателските односи се од клучно значење за иднината на нашиот фудбал.“




   
   
А репрезентација