Репрезентацијата на Македонија до 19 години учествуваше на меѓународен турнир во Словенија

Објавено на 09 Септември, 2021 во Вести

Mладата репрезентација на Македонија предводена од селекторот Дашмир Беари во периодот од 1. до 7. септември учествуваше на меѓународен турнир за фудбалери до 19 години во Словенија.

Нашите млади фудбалери на овој турнир одиграа три силни натпревари против домаќинот Словенија, Саудиска Арабија и Словачка.

Првиот натпревар го одигравме на 2. септември против Словенија. Нашите фудбалери може да жалат за претрпениот пораз од домаќинот. Македонија имаше предност од 2:0 и 3:1, но на крајот беа поразени со 4:3. Андреј Стојчевски и Дашмир Елези беа стрелци на головите. Третиот погодок беше автогол на словенечките фудбалери. Одличен натпревар одигра нашиот голман Гоце Јовчев, кој одбрани пенал, а имаше и неколку одлични интервенции.

Во второто коло, Македонија одигра натпревар против Саудиска Арабија. На овој меч, нашите репрезентивци имаа предност од 1:0 (Андер Стојчевски), но на крајот Саудиска Арабија постигна погодок за израмнување за конечни 1:1. Натпреварот го одбележа тешката повреда на стрелецот на голот Стојчевски, кој доживеа скршеница на раката.

Последниот дуел го одигравме против селекцијата на Словачка. Натпреварот заврши идентично како и дуелот со Саудиска Арабија, 1:1. Нашите фудбалери доминираа во текот на целиот натпревар, беа подобар противник, создадоа многу шанси, постигнаа гол преку Бехар Фета, но на крајот не успеаа да слават победа. 

Дашмир Беари - селектор на репрезентацијата на Македонија до 19 години:

- „Задоволен сум од прикажаната игра, мислам дека резултатот не ја опишува вистинската слика на теренот. На моменти имавме пад на концентарција, мислам дека тоа не чинеше многу на овие три натпревари. Сакам да ја искористам оваа прилика да му посакам брзо закрепнување на нашиот фудбалер, Андреј Стојчевски, кој заработи тешка повреда на дуелот со Саудиска Арабија“.

Нашата репрезентација во октомври ќе одигра два контролни натпревари против Турција, како подготовка за ноемврискиот квалификациски турнир.




   
   
А репрезентација