Објавено на 10 Ноември, 2017 во Вести
Одделението за превенција СВР Скопје во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, утре (11.11.) од 16,30 до 18,00 часот на Националната арена „Филип Втори“ ќе ги реализира активностите во рамки на кампањата за превенција од нарушувањата на ЈРМ при насилно и недостојно однесување на спортските натпревари.
Во посочениот период на влезот на југоисточна трибина ќе се формира “фан зона“ со родители и деца опфатени со проектните активности од основните и средните училишта од градот, коишто со заедничко дружење со полициски службеници ќе ги реализираат активностите од кампањата за спречување на насилство за време на спортски натпревари. Од страна на Одделението за превенција при СВР Скопје ќе се делат пропаганден материјал, реквизити за навивање, тропалки со порака RESPECT.
Целта на активностите е подигање на свеста кај навивачките групи,надминување на јазот помеѓу полицијата и навивачките групи во соработка со спортските клубови, спортските федерации, креирање на фер-плеј мислење и однесување кај навивачките групи, особено младите, и генерално подигање на свеста кај граѓаните и инстутуциите за законската обврска при реализирање и организирање на спортски натпревари со цел споделување на одговорноста.
Инаку Одделение за превенција при СВР Скопје, со поддршка од ФФМ, во насока на зголемување на јавната безбедност, вклучувајќи ги и спортските настани како и обезбедувањето на безбедно користење на јавниот превоз и спречување на нарушувањата на јавниот ред и мир, не само во училиштата, туку и на јавните места, продолжувајќи со спроведувањето на втората фаза на проектот “За безбеден град“, како тематски дел ќе го вклучи и превенирањето од насилството за време на спортски натпревари.