Иван Тричковски и Егзон Бејтулаи за очекувањата од натпреварот со Австрија

Објавено на 11 Јуни, 2021 во Вести

Репрезентацијата на Македонија на 13. јуни во Букурешт со почеток од 18:00 часот го игра првиот натпревар против Австрија во рамките на групата Ц од Европското првенство.

На денешниот брифинг со новинарите, Иван Тричковски и Егзон Бејтулаи ги споделија очекувањата пред самиот почеток на првенството.

Иван ТРИЧКОВСКИ

- Одиграв одлична сезона во Кипар, постигнав многу важни голови. Тоа претставува дополнителен мотив за претстојното Европско првенство. Настап на едно вакво големо натпреварување е остварување на сонот на цела нација. Треба да продолжиме таму каде што застанавме. Ќе го дадеме максимумот на секој натпревар и ќе се бориме до крај за дресот со државен грб. Селекторот секогаш го има последниот збор, тој одлучува кои 11 фудбалери ќе го започнат натпреварот. Атмосферата во националниот тим е одлична. Сите со нетрпение очекуваме да започне првенството.

Егзон БЕЈТУЛАИ

- Се чувствувам одлично што сум дел од оваа репрезентација која направи историски успех. Со нетпрение го очекувам почетокот на првенството. Се надевам дека во Букурешт ќе се претставиме во одлично светло и ќе успееме да ги израдуваме нашите навивачи. Секогаш давав се од себе, во младата репрезентација на Македонија до 21 година и во А репрезентацијата. Треба подеднакво добро да напаѓаме и да се браниме. Имаме одличен тим, подготвени сме за Евро 2020.





   
   
А репрезентација