ФФМ ќе подели 457.195 илјади евра на десет клубови од Прва МФЛ за развој на младинскиот фудбал

Објавено на 05 Февруари, 2018 во Вести


Развојот на младинскиот фудбал претставува врвен приоритет за Фудбалската федерација на Македонија. Средствата кои УЕФА ги доделува за потикнување на младинскиот фудбал ФФМ во изминатите години (повеќе од една деценија) ги распределуваше за развој на младинскиот фудбал во сите категории за набавка на опрема, реквизити и останати потреби. Оваа сезона по барање на дел од клубовите (учесници во натпреварувањето во Прва МФЛ 2016/2017), овие средства кои потекнуваат од Солидарниот фонд од шампионската лига ќе се распределат за развој на младинските екипи само на професионалните клубови, односно на клубовите од Прва МФЛ во сезона 2016/2017 како носители на УЕФА клупското натпреварување. Средствата кои годинава достигнаа износ од 457.195.оо Евра, износ кој претставува двојно зголемување во однос на претходните години ќе се распредели на клубовите од Прва МФЛ кои се натпреварувале во сезоната 2016/2017 година и тоа: ФК Вардар, ФК Шкендија, ФК Работнички, ФК Пелистер, ФК Ренова, ФК Силекс, ФК Победа, ФК Шкупи, ФК Брегалница и ФК Македонија Ѓ.П.. Средствата се строго наменски – за развој на младинскиот фудбал и ќе подлежат на посебна ревизија од страна на УЕФА и ФФМ.

Искажуваме голема почит кон сите клубови. Со оваа одлука на Фудбалската федерација покажуваме дека соработката со клубовите е на високо ниво и дека имаме единствена цел – да се грижиме за добар развој на фудбалот. Се надевам дека во иднина таа соработка ќе биде уште подобра, тоа е единствениот начин за подобри резултати. Не мораме секогаш исто да размислуваме, секој има право да го изнесе своето мислење, но потоа заеднички да го направиме тоа што е најдобро за македонскиот фудбал. Оваа одлука произлезе токму од таков начин на комуникација и разбирање со претставници на клубовите. Фудбалот во Македонија ќе се развива само ако секој го дава својот придонес и се грижи за подобрување на условите. Во ФФМ се залагаме токму за тоа и нѐ радува што постои единство и меѓу клубовите, токму како во фудбалска екипа. Изминатиот период сите бевме горди на резултатите кои ги постигнуваа нашите младински тимови, голем удел во тоа имаат и клубовите и искрено се надеваме дека овие средства ќе се искористат токму во таа насока – да продолжиме да создаваме услови за квалитетни млади фудбалери“, изјави Илчо Ѓорѓиоски, претсетадел на Фудбалската федерација на Македонија. 

За Фудбалската федерација на Македонија развојот на младинскиот фудбал останува еден од главните приоритети, системската работа во „Фудбалската академија“ веќе ги вреднува резултатите од својата програма, но задача е постојано да ги развиваме, унапредуваме и преиспитуваме содржините на програмата за работа на академијата. Оваа година младинските репрезентации до 17 и 19 години за прв пат ќе бидат дел од УЕФА Елитната фаза за пласман на ЕП, а со голем успех и најмасовно до сега, со повеќе од седум илјади деца се организира Детската лига на ФФМ.



   
   
А репрезентација