ФФМ ја претстави новата Генерална стратегија - Обединети од фудбалот 2021-2025

Објавено на 10 Февруари, 2022 во Вести


Фудбалската федерација на Македонија официјално ја претстави Генералната стратегија „Обединети од фудбалот 2021-2025“.

При создавањето на стратегијата наша клучна одговорност е да го направиме фудбалот фактор кој придонесува во македонското општество и да ги истакнеме придобивките кои произлегуваат од него. Одбирајќи го овој пристап ќе изградиме посветла иднина, ќе внесеме гордост и ќе ја обединиме нацијата преку фудбалот. 

Стратегијата „Обединети од фудбалот“ претставува возбудлив, нов правец за фудбалот во Македонија. Благодарение на успехот на нашата репрезентација како инспирација за промени, нашата работа во иднина ја структуиравме преку СЕДУМ стратешки цели.

Реализацијата нема да биде без предизвици, но одлучни сме да останеме посветени надвор од теренот, како што нашите фудбалери се посветени во него. 

Обединети од фудбалот 2021-2025 - Генерална стратегија на ФФМ.pdf 

На официјалната презентација на новата стратегија на ФФМ, свои обраќања имаа претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски.

Муамед Сејдини - претседател на ФФМ:

- Сега, кога ги остваруваме нашите стратешки фудбалски цели и интереси, можеме да го свртиме погледот кон иднината што сите ја посакуваме за македонскиот фудбал. 

Си земам за слобода да ви се обратам директно, не само во име на вредностите што нè обединуваат, туку многу повеќе затоа што ние заеднички покажавме дека она за што ни беше кажано дека е недостижно, како нашето учество во бараж за Светско првенство или изградбата на фудбалска инфраструктура или поддршката за нашите клубови и академии, е можна. 

И покрај тешкиот период надвор од терените, со притисок од пандемијата кој предизвика досега невидени нивоа на изолација на глобално ниво, нашето фудбалско семејство никогаш не било поповрзано. Гордоста која можеше да се препознае низ земјата за време на нашето прво Европско првенство беше неверојатна и јасно е дека желбата да се надоградат овие успеси е заедничка за целата нација.

- Гледајќи кон иднината, а со цел да се надогради овој успех, мора да запаметиме дека репрезентациите кои ни ја донесоа оваа гордост го претставуваат врвот на нашата работа и се резултат на години на посветеност - од играње на улица во нашите населби, па сѐ до нивно претставување на глобалната сцена.

Имајќи го ова во предвид, нашиот иден успех е пропорционален со нашите заложби не само за создавање можности за вклученост во фудбалската игра денес, туку и со размерот со кој ги развиваме основите на нашата игра за уште подобро утре.

Филип Поповски - генерален секретар на ФФМ:

Во текот на процесот на развивање нов пат напред за ФФМ, горди сме на фантастичниот ангажман и придонесот што го добивме од сите наши пријатели од фудбалското семејство со цел обликување на идните планови.

Како дел од нашите стратешки разговори, поддржани од УЕФА Гроу, ни беше чест да ги пречекаме играчите, тренерите, судиите, навивачите, претставниците на клубовите и потенцијалните партнери и да го подобриме нашиот начин на размислување со цел отворање на најдобриот можен пат за уште поголем успех како фудбалска нација.

Согласно амбициите од оваа стратегија, знаеме дека не можеме сами да ги постигнеме сите аспирации. Нашиот успех ќе зависи од степенот до кој ќе ги надградиме сегашните нивоа на соработка и ентузијазам со сите наши партнери.

Да изградиме посветла иднина, да внесеме гордост и да се обединиме преку фудбалот!





   
   
А репрезентација