ЕУРО 2020: Севиља наместо Билбао, натпреварите од Даблин прераспределени во Ст. Петербург и Лондон

Објавено на 23 Април, 2021 во Вести


Извршниот одбор на УЕФА денеска преку видеоконференција донесе одлука за промена на градовите домаќини на Европското првенство 2020. Четири натпревари кои според програмата требаше да се одиграат во шпански Билбао се преместуваат на стадионот во Севиља, а три меча кои требаше да се одиграат во Даблин се прераспределени во Санкт Петербург и Лондон.

Извршниот одбор на УЕФА ја потврди организацијата на ЕУРО 2020 во Минхен и ја прифати одлуката на локалните власти за присуство на најмалку 14.500 гледачи на натпреварите во Минхен. Автономната покраина Андалузија ја поддржа Севиља како домаќин и прифати присуство на 30 отсто од капацитетот на стадионот за три натпревари од групата Е и еден осминафинален меч. 

Три натпревари од групата Е кои требаше да се одиграат во Даблин се пренасочуваат во Санкт Петербург. Мечот од осминафиналето кој требаше да се одигра во Даблин ќе се игра на Вембли во Лондон.

Кога е во прашење Билбао, после одлуката на локалните власти беше јасно дека навивачи веројатно нема да можат да присуствуваат на натпреварите во тој град и УЕФА со помош на Шпанската фудбалска федерација предложи замена на градот домаќин.

-  Внимателно соработувавме со националните федерации и локалните власти за да осигураме безбедна и празнична атмосфера на првенството. Навистина сум задоволен што ќе можеме да пречекаме гледачи на сите натпревари ширум континентот, изјави претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.  




   
   
А репрезентација