Дашмир Беари нов селектор на Македонија до 19 години. Катерина Милеска е селектор на женската репрезентација до 17 години

Објавено на 11 Август, 2021 во Вести, До 19 год, До 17 год жени


Дашмир Беари, поранешниот тренер на неколку македонски клубови (Ренова, Гостивар, Дрита, Велазерими), помошник тренер во Ал Раед, Саудиска Арабија и поранешен предводник на македонската селекција до 15 години е именуван за нов селектор на репрезентацијата на Македонија до 19 години.

Новиот селектор на надежната македонска селекција ќе дебитира на клупата на Националниот тим до 19 години на силен турнир во Словенија во периодот од 1. до 7. септември. На пријателскиот турнир во Словенија, покрај нашата и домашната селекција ќе учествуваат репрезентациите на Франција, Русија, Бразил и Саудиска Арабија.

Прилика за ново докажување. И за мене, но и за сите во тимот.Благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и тренерската организација за укажаната доверба. Селекцијата до 19 години е една од важните за македонскиот фудбал. Потенцијалот за најголеми репрезентативни достигнувања фудбалерите најчесто го добиваат преку оваа репрезентација. Ќе работам професионално и чесно. Се разбира, во соработка со сите други тренери и селектори на помлади категории сѐ со цел најдобро да го подготвиме тимот. Не очекуваат силни турнири и натпревари, но тоа е прилика за напредок на оваа генерација, изјави Дашмир Беари.

Македонската репрезентација до 19 години покрај турнирот следниот месец во Словенија ќе одигра и два контролни натпревари на 6. и 8. октомври, а квалификацискиот турнир за пласман во Елитна фаза за ЕП е закажан во ноември во Албанија. Нашата селекција е во група со домаќинот Албанија, Франција и Србија.

Катерина Милеска, тренер на првакот Деспина, сеуште актуелната репрезентативка на македонската женска репрезентација и рекордерка по бројот на настапи во женската селекција е именувана за селектор на женската репрезентација до 17 години.

Женската репрезентација до 17 години ја очекуваат два пријателски меча во Букурешт со Романија (17. и 19. август), а првиот резултатски предизвик е квалификацискиот турнир следниот месец против Естонија, Молдавија и Украина.

Ме радува тоа што сум прв женски селектор на македонска репрезентација. Визијата на ФФМ „Повеќе жени, повеќе голови“ и стратегијата за развој на женскиот фудбал е насочена кон вклучување на повеќе девојки и жени во нашиот фудбал, а јас се надевам дека ќе бидам поттик за доплнителна промоција на нашиот фудбал. Се разбира, со докажување во работата и подобри резултати на националните тимови.

Бев вклучена како тренер во селекцијата до 15 години и одлично ги познавам девојките од репрезентацијата. Проблем е тоа што поради здравствената криза немавме собири и натпревари во изминатиот период, но сега ни следуваат два пријателски натпревари против Романија и тоа е убава можност да го видиме нашето ниво на игра. Се надевам дека заеднички ќе ја градиме селекцијата на вистински начин и ќе создаваме репрезентатиен квалитет за А селекцијата, изјави Катерина Милеска. 





   
   
А репрезентација