Благоја Милевски: Фаворити сме против Лихтенштајн, но тоа мора да го покажеме на терен

Објавено на 29 Септември, 2021 во Вести

Селекторот на Македонија, Благоја Милевски денеска го објави списокот на повикани фудбалери за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство 2022.

Нашата најдобра селекција на 8. октомври ќе се соочи со Лихтенштајн на гостински терен во Вадуц, а на 11. октомври на Националата арена „Тодор Проески“ ќе ја пречекаме селекцијата на Германија.

Благоја Милевски, селектор на Македонија.

- „Се соочуваме со мали проблеми околу играчкиот состав. Има неколку играчи кои се соочуваат со проблеми поради повреди, неизвесен е нивниот настап за претстојните натпревари. Енис Барди е повреден и веќе подолг период не игра. На повреда се пожали и Висар Муслиу, по консултација со нашиот лекарски тим ќе биде одлучено дали двајцата фудбалери ќе бидат во можност за настап. Претходно имавме проблем и со Аријан Адеми, но неговата повреда е санирана, го очекуваме за овие натпревари. Дарко Чурлинов заработи повреда на вилицата, но за среќа не се работи за ништо посериозно, би требало да биде подготвен за настап“.

- „Ердал Ракип е одличен фудбалер кој доаѓа од шведското првенство, игра константно во екипата на Малме која годинава настапува во Лигата на шампионите. Со неговото доаѓање ке добиеме на квалитет во средниот ред, ке ја зајакнеме конкуренцијата во тимот, а од него зависи дали ќе се наметне во првиот тим или не. Има 25 години, може да очекуваме многу од него во наредниот период“.

- Најбитен е натпреварот со Лихтенштајн. Нѐ очекува најтешкиот меч во досегашниот тек од квалификациите. Се работи за селекција која константно напредува во последните години. Не е истата селекција од пред десетина години. Имаат одличен тим, пред се на колективно ниво, тоа го докажаа на натпреварите со Ерменија и Германија. Очекувам да го дадеме максимумот на тој натпревар, да дадеме се од себе за да ги освоиме трите бода од тоа гостување. Фаворити сме, но тоа мора да го покажеме и на терен. Очекувам од моите фудбалери да бидат во подобра форма од натпреварите во септември. Сите се во тренажен и натпреварувачки ритам. 

- Мора да бидеме подобри во реализацијата, тоа ни недостигаше во септември. Секој фудбалер треба да биде максимално сконцентриран, јас немам замерки за тоа што го пренесоа на терен од тоа што го баравме на последните натпревари. Не сакам да правам калкукации, мора да дадеме максимум да го добиеме првиот дуел, а за сè останато ќе зборуваме подоцна.

Собирот на македонската репрезентација е закажан за 3. октомври (20:00 ч.) во хотел „Хилтон“ во Скопје.





   
   
А репрезентација