Објавено на 02 Март, 2016 во Вести, Фудбалска академија
Иднината останува на младите! Она што важи од памтивек е можеби најактуелно во периодов кога станува збор за Македонскиот фудбал. Неспорно е дека фудбалската топка е „играчка“ која ја поседува секое дете и голчињата се декорација во секое маало. Иако на моменти еуфорично блеснуваат и спортовите како ракометот или кошарката, сепак фудбалот е ултимативна детска љубови спорт број еден во светски рамки..
За состојбата и условите кои ги нуди ФФМ, грижата за развој на младите таленти на кои ќе им се овозможи развој и напредок во кариерата воспоставени се девет национални фудбалски академии ширум земјата и тоа во неколку региони: Скопје, Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Велес и Струмица и дополнително Фудбалската Академија под покровителство на УЕФА.
"Националните фудбалски академии функционираат во склоп на постоечкиот образовен систем во Македонија во координација и соработка со Фудбалската федерација на Македонија. Овие академии работат по посебно изработена програма која е вметната во веќе постоечката наставна програма, односно направена е модификација со која се овозможува правилна едукација. Функционирањето на овие академии од неодамна е регулирано преку централизација со воспоставување на Спортска Академија како посебно тело за чие функционирање се грижи Министерството за Образование, Агенцијата за млади и спорт и ФФМ. " - изјави Зоран Стратев, координатор за млади национални селекции - оддел за развој и националните фудбалски академии и УЕФА академијата.
Селектирањето на условно кажано, учениците, се врши од страна на назначените регионални координатори по региони, врз база на предходно објавен отворен конкурс на кој имаат право да се пријават сите заинтересирани без разлика дали станува збор за веќе активни фудбалери или некој кој има желба за фудбал. Сепак крајната селекција се прави врз база на одредени критериуми, тестови за техника, спортска интелигенција, физичка конституција итн.
Засега постои позитивен одзив и фудбалерите кои се веќе дел од академиите се задоволни од условите и начинот на работа, а федерацијата смета дека овој проект и повеќе од успешно ќе се рефлектира врз идните резултати на младите селекции, со оглед на тоа што најголемиот дел од учесниците се веќе репрезентативци и оваа можност да тренираат заедно, да се синхронизираат и како играчи и како личности ќе донесе позитивни резултати и на терен.
За пофалба е унапредувањето на инфраструиктурата и инвестицијата на ФФМ за реализација на десет игралишта со вештачка трева кои се максимално искористени од страна на Националните академии и се клучни за спроведување на тренажниот процес.
"Се ова се очекува да донесе еден нов елан во македонскиот фудбал и со тек на време да генерира позитивни резултати односно пласман на некое големо натпреварување. Но фудбалот е спорт кој бара трпение и постигнувањето на зацртаните цели е повеќегодишен процес. Сите служби во куќата, стручни фудбалски лица од нашава земја, во соработка со експерти на ФИФА и УЕФА придонесоа за изработка на стратешки план за следните пет и десет години. Тоа е период кој е реален и неопходен за имплементирање на стратегија за развој и напредок на фудбалот и постигнување на резултати, со што пласман на едно завршно натпреварување Европско или Светско е крајна цел. Но тоа подразбира качување по скалило погоре со секој нов циклус." - изјави Зоран Стратев, координатор за млади национални селекции - оддел за развој и националните фудбалски академии и УЕФА академијата.
Дека постои реален напредок говори фактот што ако пред само неколку години младинските репрезентации има по едвај три до четири натпревари во тек на годината на кои за жал беа прибележувани и разочарувачки дебакли, денес со гордост може да се каже дека сме достојни противници на фудбалски репрезентации кои важат за светски велесили во фудбалот. Македонската репрезентација под 21 год. е моментално нашиот најсилен национален состав кој е во конкуренција за пласман на едно Европско првенство. А, неспорен е фактот дека голем број од репрезентативците од оваа селекција се веќе членови или се конкурентни за настап во А селецијата. А токму тоа е и вистинската цел, да се генерираат квалитетни фудбалери кои ќе бидат носители на играта на националниот состав. Ако се продолжи со ова темпо на работа со младите категории, не е далеку денот кога репрезентацијата ќе донесе фудбалска радост на јавноста.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....