Зоран Стратев : „Фудбалската академија ќе донесе нов елан во македонскиот фудбал“

Објавено на 09 Март, 2016 во Вести, Фудбалска академија

Техничкиот директор на младинските национални селекции Зоран Стратев во интервју за ffm.mk зборува за националните фудбалски академии, начинот на селекцијата на играчите и временската рамка потребна за постигнување резултати на меѓународна сцена.

Што претставуваат националните фудбалски академии?

Во програмата на ФФМ за развој на македонскиот фудбал, а пред се за унапредување на младинските категории, воспоставени се девет национални фудбалски академии ширум земјата и тоа во неколку региони: Скопје, Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Велес и Струмица и дополнително фудбалската Академија под покровителство на УЕФА. Националните фудбалски академии функционираат во склоп на постоечкиот образовен систем во Македонија во координација и соработка со Фудбалската федерација на Македонија. Овие академии работат по посебно изработена програма која е вметната во веќе постоечката наставна програма, односно направена е модификација со која се овозможува правилна едукација. Функционирањето на овие академии од неодамна е регулирано преку централизација со воспоставување на спортска Академија како посебно тело за чие функционирање се грижи Министерството за образование, Агенцијата за млади и спорт и ФФМ.

На кој начин се врши селекцијата на фудбалерите?

Селектирањето е процес кој се спроведува пред секоја учебна година  врз база на предходно објавен отворен конкурс кој е јавен и се промовира неколку месеци, на кој имаат право да се пријават сите заинтересирани без разлика дали станува збор за веќе активни фудбалери или деца кои рекреативно се занимаваат со фудбал, а имаат желба да го испоробаат својот талент. Секако не е тајна дека професионалците и членовите на фудбалските клубови се условно кажано во предност, но секогаш постои простор и заинтересираност од наша страна да се пружи шанса на нови надежи. Скаутингот и селекцијата се врши од страна на назначените регионални координатори по региони, а финалната селекција се прави врз база на одредени критериуми, тестови за техника, спортска интелигенција, физичка конституција итн.

Во која насока се движат плановите за работа на Академијата?

Засега сме задоволни од постигнатото, но потенцирам дека сеуште има простор за работа, пред се на технички план. За пофалба е унапредувањето на инфраструиктурата и  инвестицијата на ФФМ за реализација на десет игралишта со вештачка трева кои се максимално искористени од страна  на Националните Академии и се клучни за спроведување на тренажниот процес. Понатаму, планирано е да се докомплетира инфраструктурната реализација на Академијата, односно да се доизградат сместувачките капацитети што ќе овозможи комплетни услови за фудбалерите: сместување, соодветна препорачана исхрана, едукација...едноставно ќе се постигне повиско ниво на професионализам. Понатаму, во план сме да направиме реструктурирање во однос на рамките на возраста на децата кои ќе бидат дел од Академијата. Идејата е да се даде шанса за екстрахирање на талентот од рана возраст. Би сакале да ги вклучиме децата од осмо и деветто одделение, а после втора година средно образование да се направи дополнителна селекција, односно оние фудбалери кои не ги постигнуваат потребните задоволителни резултати ќе останат во едукативниот процес, но ќе бидат ослободени од тренажниот процес во Академијата, кој ќе продолжи соодветно во фудбалски клуб. Познат е фактот дека Фудбалската Федерација обезбедува стипендии за сите фудбалери на Академијата, средства кои треба да се насочат за да им се даде можност на што повеќе талентирани деца.


Што може да се очекува како резултат од работата на Академијата?

Досегашното функционирање покажа дека постои голем интерес од страна на децата кои во огромен број се пријавуваат да бидат дел од овој проект. Паралелките кои вклучуваат генерации 2000/ 2001 а повеќето од учениците се професионални  фудбалери, членови на домашни и странски фудбалски клубови и репрезентативци. Наша главна цел е да направиме синхронизација на програмата која е препорачана од страна на УЕФА и се практикува во Фудбалската Академија под покровителство на УЕФА во Скопје,  со програмите на Националните Академии ширум Македонија. Специфичноста на одржување на наставата, наставниот план, тренажниот процес, сите овие елементи се соединуваат за да се добие една кохезивност помеѓу играчите. Како што напоменав, тие се наши младински репрезентативци и идни потенцијални носители на играта на Македонската А селекција и од клучна важност е да се познаваат меѓусебно како личности и како фудбалери на психолошки  и на технички план.

Кој е временски период кој е потребен работата на Академијата да се рефлектира врз реалните резултати на репрезентацијата?

Фудбалот е спорт кој бара трпение и постигнувањето на зацртаните цели е повеќегодишен процес. Сите служби во куќата, стручни фудбалски лица од нашава земја, во соработка со експерти на ФИФА и УЕФА придонесоа за изработка на стратешки план за следните пет и десет години. Тоа е период кој е реален и неопходен за имплементирање на стратегија за развој и напредок на фудбалот и постигнување на резултати, со што пласман на едно завршно натпреварување Европско или Светско е крајна цел. Но тоа подразбира качување по скалило погоре со секој нов циклус. Дека постои реален напредок сведочи фактот што ако пред само неколку години младинските репрезентации има по одвај три до четири натпревари во тек на годината на кои за жал беа прибележувани и разочарувачки дебакли, денес со гордост може да се каже дека сме достојни противници на фудбалски репрезентации кои важат за светски велесили во фудбалот. Македонската репрезентација под 21 год. е моментално нашиот најсилен национален состав кој е во конкуренција за пласман на едно Европско првенство. А неспорен е фактот дека голем број од репрезентативците од оваа селекција се веќе членови или се конкурентни за настап во А селецијата. А токму тоа е и вистинската цел, да се генерираат квалитетни фудбалери кои ќе бидат носители на играта на Националниот состав. 


Македонскиот фудбал е во прилично незавидна ситуација во моментов. Каде го гледате решението?

Пред се апелирам за поддршка и трпение од јавноста која знаеме дека е жедна за врвен фудбал за добри резултати, за успеси... но, и фудбалски велесили далеку поголеми и поспремни од нас не стигнале таму каде што се преку ноќ. Еве ќе ја земам за пример Белгија, чија репрезентација во моментов е прворангирана на ФИФА листата. Незнам колку на јавноста и е познат фактот дека стратегијата за развој на фудбалот во Белгија вклучуваше план за отсуство од големи натпреварувања и тоа во четири циклуси. Мора да се стави рез, да се почне од основата. Верувајте интерес за фудбал не недостасува. Во Грасрут прогамата се анимирани момеѓу пет и шест илјади дечиња кои се иднината на македонскиот фудбал. Правиме напори да воспоставиме стандардизирана програма одобрена од страна на УЕФА преку која од страт ќе се  постават темелите за правилен и квалитетен развој и менаџирање со талентот. Понатаму, Едукативниот Центар за Обука на ФФМ придонесува за генерирање стручен и квалитетен тренерски кадар што е круцијален фактор за напредок во фудбалот. На крај сакам да се обратам и до медиумите во вврска со нивното влијание и улога во креирање на јавното мислење. Апелирам да се работи на создавање на позитивна атмосфера и поддршка за Македонскиот фудбал, да се става поголем акцент на секој поединечен успех и на младите репрезентации, едноставно да се подигне самодовербата и да се охрабрат младите фудбалери. Верувам дека ова ќе донесе еден нов елан во македонскиот фудбал и со тек на време ќе генерира позитивни резултати односно пласман на некое големо натпреварување.





   
   
А репрезентација