Објавено на 10 Јули, 2025 во Вести
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), во соработка со УЕФА и ФИФА, денеска во Скопје го започна најавениот процес на промена на Статутот на Федерацијата.
Формирани се работни групи составени од претставници на ФФМ, УЕФА и ФИФА, кои веќе активно работат на изработка на првичната драфт верзија на новиот Статут. Мариана Трандафир - специјалист за управување со национални асоцијации, Енио Боволента - правен советник за статутарни и регулаторни прашања и Денис Бастари - менаџер на програмата „HatTrick“ се претставници на УЕФА, додека Емили Дом - раководител на активности поврзани со управување на национални асоцијации е преставник на ФИФА.
Процесот се води согласно домашната законска рамка и регулативите на меѓународните фудбалски тела, со цел да се создаде модерен и функционален акт што ќе ја унапреди внатрешната организација и функционирањето на Федерацијата.
Масар Омерагиќ - претседател на Фудбалската федерација на Македонија:
„Верувам дека конечно Фудбалската федерација на Македонија ќе направи исчекор напред и ќе започне со процесот на измена на Статутот. Овој процес е едно од нашите последни ветувања и искрено, се надевам дека на почетокот на 2026 година ќе имаме нов, усвоен статут, изготвен согласно реалните можности во нашата држава.
Наша цел е да изградиме вистински фудбал, вистинска фудбалска организација и заедница на локално ниво. Согласно тоа, новиот статут ќе биде завршен чекор во овој процес и ќе биде усогласен со стандардите на ФИФА и УЕФА. Искрено ја цениме вашата поддршка и се надеваме дека нашата соработка во оваа насока ќе биде успешна. Конечно, по повеќе од 15 години, ќе добиеме целосно нов статут, со нова организациска структура и современа систематизација на ФФМ.“
Со овој процес започнува ново, суштинско поглавје за Фудбалската федерација на Македонија, кое треба да обезбеди поголема отчетност, ефикасност и вклученост на сите засегнати страни во фудбалската заедница. Очекуваме инклузивна и продуктивна работа на сите учесници и донесување на документи кои ќе го осигураат долгорочниот развој на македонскиот фудбал.