Зоран Лаковиќ: „Суштинската работа и вложувањето во базични проекти ќе придонесе за позитивни резултати на сите селекции“

Објавено на 11 Март, 2016 во Вести

Спроти годишното Генерално собрание на фудбалската федерација на Македонија за случувањата на светската фудбалска сцена и состојбите на фудбалски план во регионот, разговаравме со Зоран Лаковиќ,

претставник на УЕФА за менаџмент на национални асоцијации.

Како најактуелно случување во изминатиот период секако е изборот за нов претседател на ФИФА. Џани Инфантино ја доби довербата да раководи со светската фудбалска организација. Познат е фактот дека како Генерален секретар, Инфантино бешеподдржувач и се залагаше за условно кажано помалите федерации од регионот, за што секако беше ценет, што се покажа и преку фактот што Фудбалската федерација на Македонија заедно со асоцијациите од регионот беше меѓу првите пет кои јавно искажаа поддршка и застанаа зад неговата кандидатура за претседател на ФИФА. Што конкретно за нас ќе значи претседателската функција на Инфантино и што е она што реално можеме да го очекуваме по изборот, во однос на логистика, поддршка, спроведување на проекти, итн.?

-  Можам да кажам дека преку УЕФА, јас лично бев вклучен во изборната кампања на Инфантино уште од самиот почеток, и во оваа прилика би сакал лично да се заблагодарам на претседателот на Фудбалскат федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски и на сите членови на федерацијата за нивната отворена поддршка уште од самиот старт. Можам да кажам дека Џани Инфантино е професионалец и стручњак во својата област по чие превземање на ФИФА очекувам да спроведе бројни позитивни реформи во светскиот фудбал. ФФМ треба да знае дека во првиот човек на светскиот фудбал има пред се пријател и сојузник а следствено на програмата која тој ја презентираше и македонската, а и сите останати фудбалски федерации од Балсканскиот регион можат да сметаат на унапредување на нивниотстатус и секако голема помош и поддршка од страна на ФИФА.“

Во однос на поддршката која ја пружаат и од ФИФА и од УЕФА за напредок на фудбалот, неизбежно е да се споменат нивните залагања за подобрување на инфраструктурата која претставува секогаш отворено прашање и каде што секогаш има простор за напредок. Каков е ставот на УЕФА по ова прашање и каков е понатамошниот план за реализација на тековните проекти?

-  Пред се сакам да истакнам дека УЕФА има извонредна соработка со раководната структура на Фудбалската федерација на Македонија, што се отсликува преку помошта што УЕФА му ја дава на македонскиот фудбал бидејќи сме свесни дека имаме квалитетен партнер кој се залага за унапредување на условите во кои фудбалот егзистира и на вистински начин ќе придонесе за подигнување на личниот, а и на угледот на УЕФА. Како поранешен долгогодишен Генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Србија свесен сум дека успехот на фудбалот на една земја се мери директно преку резултатите на А репрезентацијата, што донекаде е очекувано, но не и секогаш оправдано. Сакам да истакнам дека главниот постулат на УЕФА е промоција и унапредување на фудбалот особено преку програмите за развој на младинскиот фудбал, грасрут програмата, унапредување на инфрасртуктурата, воспоставување на националните фудбалски академии и што во суштина е токму она на што ФФМ е најмногу посветена. Иако со ограничен буџет, но со голема енергија и залагање се работи на развој на фудбалот што резултираше со изградба на десет игралишта со вештачка трева кои се од огромна важност и се круцијални за спроведување на тренажниот процес, па се до реализација на идејата да се игра репрезентативен фудбал на целата територија на Македонија, а не само во Скопје, што се остварува преку инвестирање и изградба на стадиони во поголемите фудбалски центри како Битола, Тетово, Прилеп и Штип. УЕФА секогаш ќе застане зад ваквите проекти и сакаме да упатиме апел дека токму залагањата во оваа насока треба да бидат во преден план на секоја фудбалска федерација. Длабоко верувам дека со тек на време суштинската работа и вложувањето во вакви базични проекти ќе придонесе за позитивни резултати на сите селекции, вклучувајќи ја и А рпрезентацијата.


Како поткрепа на вашите зборови и потврда на трудот и работата на Фудбалската федерација на Македонија дојде и признанието од УЕФА во форма на доделување на организацијата на УЕФА Супер купот за 2017 година во Скопје. Кои се вашите размислувања на темата, вашиот став за значењето на овој настан, очекувањата и влијанието што истиот ќе го има врз целиот регион?

-  Ова според мене претставува фантастичен успех за вашата фудбалска федерација. Знам каква беше конкуренцијата и кои се земји беа кандидирани за овој настан. Искрено неможам да се сетам на некој поголем позначаен фудбалски настан кој се случувал во регионов од далечната 1978 година и фактот што токму Скопје и Македонија беа избрани за домаќини на Супер Куп натпреварот во 2017. е само потврда од раководството на УЕФА за добрата работа и вистинската насока по која се движи македонското фудбалско раководство. Сметам дека целокупната јавност треба да биде горда на ова достигнување бидејќи настат од ваков вид ќе придонесе за промоција на фудбалот, но и за промоција на градот и целтата земја во туристичка смисла што неизбежно ќе придонесе за економски бенефит на долг рок.

Споменавте дека скоро една деценија бевте на позицијата Генерален секретар на српскиот фудбалски сојуз и сте добро запознаени со случувањата на фудбалски план во регионов. Факт е дека јавноста е нетрпелива и очекува резултати од секоја репрезентација, па ако ми дозволите да направиме една паралела во однос на македонската и српската репрезентација. Поединци од српската репрезентација кои се предводници на играта во клубови кои се велесили во светски рамки, но, и покрај ова, за жал Србија не е дел од Европското првенство. Кои се според вас причините за оваа состојба и дали и покрај евидентниот квалитет потребно е време и дополнителна колективна зрелост за постигнување на зацртаните цели?

-  Токму така. Ние овде, на овие простори имаме таков менталитет, нетрпеливи сме и сакаме резултати што се вели „преку ноќ“. Понекогаш,  ако евентуално „коцките се наредат“ можеби е можно и да се постигне некаков успех  за кратко време, но потенцирам дека тоа се изолирани случаи и резултатите се краткотрајни. Вистинскиот пат по кој се движи српската репрезентација веќе одреден период, а гледам дека и раководството на македонската репрезентација го практикува е да се почне од основата. Акцентот да се стави на младинскиот фудбал, развивање на инфраструктурата, вложување во регионални фудбалски центри низ целата држава, создавање на оптимални услови за развој на фудбалот. Ова е можеби позадинска работа, невидлива за обичните навивачи и љубители на фудбалот, но тука лежи иднината на репрезентативниот фудбал. Коко што потенцирав, потребно е време! Времето на српската сениорска фудбалска репрезентација сеуште не е дојдено, но затоа успесите на младинските репрезентации (2013 Европски шампиони; 2015 Светски шампоини) ја  потрвдуваат оваа теорија. Мило ми е што и ФФМ го има усвоено и го практикува овој систематски пристап на работа, за кој сум сигурен дека за одреден временски период ќе придонесе за фудбалски успех  кој сите го посакуват и со право  го очекуваат. Но, треба да се има трпение, да се покаже доверба и да се даде поддршка на секој чекор до постигнување на целта.“





   
   
А репрезентација