Објавено на 08 Февруари, 2016 во Вести
За македонскиот фудбал и активностите кои се превземаат за унапредување на условите и квалитетот на фудбалската игра кои се одвиваат на локално ниво во периодот кои следува ќе објавиме интервјуа со претседателите на Општинските фудбалски Сојузи кои функционираат во рамки на Фудбалската федерација на Македонија.
За активностите и проектите во југо-источниот регион разговаравме со Зоран Јовановиќ, претседател на Општинскиот фудбалски Сојуз - Валандово.
Дали вашата средина ја оценувате за фудбалска, односно каков е интересот за фудбалот во вашиот регион?
-Интерес несомнено постои, но постојат и разлики во концептите за тоа како да се организира и од каде да се финансира фудбалот во сите негови нивоа и сегменти. Тоа е можеби причина што сите замисли секогаш не успеваат да се реализираат во целост. Меѓутоа веруваме дека фудбалот како спорт и напредокот во секој негов сегмент како заедничка цел ќе доведе до пронаоѓање на простор за усогласување на различните идеи и планови. За нас е важно да ги насочиме младите да започнат да тренираат фудбал. Клубовите кои функционираат во системот на натпреварување треба да бидат вклучени во селектирањето на младите фудбалери, посебно на децата од десет до дванаесет години. Според мене, тоа е границата во која одлучуваат дали ќе продолжат да се занимаваат со фудбал. Наша заедничка обврска со федерацијата е да го најдеме начинот да ги задржиме во нашиот спорт.
Колку екипи во младиските конкуренции учествуваат во системот на натпреваување на ФФМ?
-ФК Валандово зама активно учество во натпреварувачкиот систем и се натпреварува во регионалната лига со пионери и помлади пионери и во детската лига со сите генерации.
Дали постојат талентирани деца на кои треба да се посвети поголемо внимание?
-Секако дека постојат. Секоја генерација си има свои потенцијал и на нас како раководни лица и на тренерскиот кадар е ваквите таленти да ги препознаме и да им се овозможи можност за соодветен развој. Можеби е неблагодарано да се извојуваат поединци, но од друга страна тоа го сметам за еден вид поттик и мотивација, па би ги одвоил Митровски Давид (2001) и Гугулјанов Петар (2002) како едни од нашите најнадежни таленти.
Дали сметате дека распологате со соодветен стручен тренерски кадар?
-Тоа е исто така еден од клучните сегменти во работата со млади категории и настојуваме по ова прашање да не правиме компромис. Моментално функционираме со четворица тренери кои поседуваат Б лиценца.
Какви активности се превземаат и дали постојат конкретни планови за унапредување на инфраструктурата?
Во моментот располагаме со четири функционални стадиони (два во Валандово, во Јосифово и Удово). Грижата за нив е во најголем дел од страна на клубовите и општината. Ова е секогаш сензитивно прашање бидејќи тоа е вечно отворена тема и сегмент кој секогаш бара залагање, вложување и реновирање. Факт е дека секој фудбалски терен постојано има потреба од континуирана грижа. Мора сите заеднички да сфатиме дека се почнува од инфраструктурата. ФФМ со изградбата на терени со вештачка трева потврди дека има намера да го менува тоа во позитивен правец, да ги поддржи важните проекти во нашиот фудбал, од изградбата на инфраструктура до работа со млади категории. Ако во тоа ја имаме поддршката од општините, сигурни сме дека можеме да осигураме убава иднина на нашиот спорт, а посебно за најмладите фудбалери.
Посочете некој резултат или работа на која сте посебно горди?
Би сакал да го истакнам спроведувањето и имплементирањето на систем на натпревари (индивидуално) што понатаму резултира со точна, рана детекција и селекција на талентирани фудбалери.
Како ја оценувате соработката со ФФМ, на кое поле сметате дека треба да има подобрувања?
Соработката со ФФМ е повеќе од добра. Ја цениме нивната поддршка и заложба. Она на што се надеваме да се унапреди во иднина е можеби подобра поврзаност и афирмативност со локалната власт. Верувам дека со заеднички заложби ќе се придонесе за остварување на зацртаните проекти и генерално ќе се придонесе за развој на фудбалот.
Дали сте имале можност за учество во некаков проект или интернационална соработка за размена на искусва и имплементирање на пракса со цел унапредување на фудбалот во вашиот регион?
Во принцип засега не ни се пружила некоја ваква можност, но секако би била добредојдена. Секогаш е позитивно да се споредат пракси, да се размени искуство, едноставно да се негуваат пријателства. Еве, како нешто слично би споменал едно студиско патување во Коверчано(Италија).
Какви се вашите очекувања и планови за во иднина?
-Она што го имаме зацртано како план е да направиме поголема продукција на играчи, во блиска иднина да добиеме претставник во Втората лига и да обезбедиме награден фонд во најниското ниво на натпреварување. Верувам дека со посветеност и правилна насоченост сите овие цели ќе бидат реализирани.
Дали сметате дека треба да има промена во системот на Втората лига, односно поделба на два региони (источен и западен)?
Да, би можело да биде позитивно, но секако важно за успешна реализација на ваков потфат е истиот да биде добро осмислен и се анализираат добрите и негативните страни.Тоа секако е добар предуслов, екипите кои значеле нешто во минатото да се обидат да бидат на повисоко ниво и да се вратат фудбалските центри.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....