Објавено на 27 Ноември, 2024 во Вести, А репрезентација жени
Женската А репрезентација на Македонија денеска во Скопје официјално ги започнува подготовките за двата контролни натпревари со селекцијата на Црна Гора.
Контролните натпревари помеѓу Македонија и Црна Гора ќе бидат одиграни на 30. ноември со почеток во 13. часот и 3. декември со почеток во 12. часот на тренинг центарот „Петар Милошевски".
Селекторот на женската А репрезентација на Македонија, Александар Андов ги сподели своите очекувања пред двата тест натпревари со Црна Гора.
-Целта на овие два контролни натпревари со Црна Гора пред се е да го задржиме континуитетот, да се подобриме во одредени сегменти и да ги отстраниме слабите страни во нашата игра. Сакаме да бидеме во најдобра физичка и ментална состојба пред почетокот на циклусот на натпревари од Лигата на Нации. Имаме јасна визија и цел за наредната година, а тоа е освојување на првото место во нашата група од новото издание на Лигата на нации.
-Репрезентацијата на Црна Гора е квалитетен противник, кој одигра одличен двомеч против Финска во баражот. Имаме одиграно неколку натпревари против нив и секогаш резултатски биле поуспешни од нас. Но, тоа е минато, ние сме во фаза каде што градиме нова репрезентација која ќе биде конкурентнта и подготвена за секакакви предизвици.
-Претходните квалификации за пласман на ЕП беа успешни за нас, со оглед на тоа што до последниот меч бевме втори во групата и со победа ќе успеевме да влеземе во баражот, но нашето неискуство да играме под притисок си го направи своето. Можам да кажам дека од меч во меч растеме како тим, во континуитет има подобрување во нашата игра, се наоѓаме на вистинскиот пат.
-Имаме добра група во Лигата на нации. Косово и Летонија се сериозни репрезентации кои имаат голем напредок во нивната игра. Нема повеќе место за изговори. Имаме одлична и вистинска можност пред нас која треба да ја искористиме максимално. Сакаме да се покажеме во добро светло и до го освоиме конечно првото место во нашата група.
Нашата најдобра женска репрезентација на 21. февруари против Косово на домашен терен го започнува настапот во новото, второ по ред издание на Лигата на Нации 2025 година.