Објавено на 22 Мај, 2019 во Вести
Утре на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе се реализира завршницата од втората сезона од проектот „Фудбал сега, фудбал насекаде“, проект наменет за ученици од основните училишта ширум државата, а организиран од ФФМ во соработка со Федерација на училишен спорт.
Во рамките на втората сезона се организираа континуирани активности за ученици од 2-ро до 5-то одделение од 21 град и учество на 80 основни училишта. Повеќе од 10.000 учесници кои играа фудбал на редовна основа во период септември 2018 - мај 2019. предводени од училишните професори по физичко и здравствено образование како и нивните одделенски наставници. Сите комплименти одат за сите нив со особена благодарност за одделенските наставници кои несебично се заложија за што поуспешна организација и координација, како на училишните, така и на меѓу училишните натпревари на општинско ниво. И покрај тоа што сите учесници се победници, сепак дојде и моментот кога најдобрите екипи од сите училишта, ќе се соберат на тренинг центарот на ФФМ и низ учеството на голем фудбалски фестивал ќе ги добиеме победниците во двете категории.
23. мај 2019., со почеток на натпреварите во 10:00 часот и отворање на турнирот во 09:30 часот, очекуваме повеќе од 600 ученици на кои покрај фудбалот, загарантирано им е и дружењето и забавата. Распоредот на активности и натпревари во двете категории можете да го видите подолу. Воедно, отворена покана до сите заинтересирани и љубители на фудбалот да дојдат и да ја дадат својата поддршка на идните фудбалери.