Објавено на 10 Септември, 2015 во Вести
Делегацијата пристигна во Скопје на 08. септември со цел да го проследи натпреварот Македонија - Шпанија, натпревар од прва категорија во рамки на квалификациите за европското првенство во Франција, 2016 година. Целта беше да се види како во моментов изгледа организацијата на еден натпревар од висок интерес, а потоа да се направат првичните проценки и состаноци со вклучените страни - ФФМ, Национална Арена Филип Втори, Град Скопје и Влада на РМ со цел навремено да се започне планирањето на настанот во 2017 година.
Во рамки на посетата денес беше одржан и состанок на кој присуствуваа генералниот секретар на ФФМ, менаџерот на ТАВ аеродромите и претставник на Националната Арена Филип Втори, под водство на раководителот на УЕФА секторот за организација на настани - Даниел Рибеиро. На состанокот беше објаснета рамката за планирање и организација на супер купот, како и временската рамка за имплементација на проектот.
Ние веќе работиме на составување работна група во која ќе бидат вклучени претставници на ФФМ, Град Скопје, Национална Арена и Влада на Република Македонија. Сметаме дека овој натпревар е многу важен од аспект на унапредување на целокупната инфраструктура на Националната арена од сите аспекти. Но она што е уште поважно како придобивка е фактот дека Скопје ќе биде на мапата на фудбалска Европа и ќе се зборува за нас во следните 23 месеци на подготовка. Наша главна цел е да покажеме и докажеме дека сме зрели и подготвени за организација на натпревар од ваков ранг и повторно да се покажеме како добри домаќини - изјави Филип Поповски, Генерален Секретар на Фудбалска Федерација на Македонија.
Ова е наша прва посета откако и официјално беше потврдено дека Скопје ќе биде домаќин на УЕФА Супер Купот во 2017 година. Задоволни сме од она што го видовме досега од аспект на аеродромска инфраструктура, хотелски капацитети, стадионот и планот за негово унапредување. Имаме речиси две години пред нас, период во кој ќе бидат дефинирани сите понатамошни чекори во пресрет на настанот. Она што сакам во моментов да го истакнам е дека стандардниот брендинг на Супер Купот ќе биде персонализиран со спецификите на градот, и истиот многу брзо ќе почне да се дистрибуира низ сите комуникациски канали на УЕФА. Ова натпреварување има долга историја, и среќни сме што од година во година прераснува во вистински спектакл. - изјави Даниел Рибеиро, раководителот на УЕФА секторот за организација на настани.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....