Времеплов: Победа од Скопје, прв шампион на Македонија

Објавено на 08 Април, 2016 во Фудбалски Асови, Вести

Кога е одиграно првото фудбалско првенство на Македонија? Колку екипи ја сочинувале тогашната Прва лига? Кој беше првиот шампион на нашата држава? Одговорот на овие прашања сигурно ќе ги интересира помладите љубители на фудбалот во Македонија.

Прелистувајќи ги веќе пожолтените страници на тогашниот единствен дневен весник во нашата држава „Нова Македонија“, потоа книгите за историја на фудбалот во Македонија, а особено книгата на колегата Ивко Панговки „Скопски фудбалски незаборав“ пронајдовме навистина интересни податоци.

Првото фудбалско првенство на Македонија е оддржано пролетта во далечната 1946 година со учество на шест екипи: Победа, Македонија и Работнички од Скопје, потоа Гоце Делчев  (денешна Победа) од Прилеп, 11 Октомври од Куманово и Пелистер од Битола. Се играше двокружно, секој со секого. Во таа конкуренција на шест екипи првото место во тогашната Прва Македонска Лига, единствена во нашата држава го освои Победа од Скопје со 17 бода, пред Македонија со 16, Пелистер 8, Работнички 7, Гоце Делчев и 11 Октомври по 6.

За Победа, која една година подоцна се фузираше со Македонија и беше формиран денешниот Вардар, играа познати фудбалски имиња: Ѓорги Цинцевски – Џинка, Христо Христовски – Мулец, Кипро Кипровски, Трајче Серафимовски – Жената, Јоска Тодоровски, Гале Герасимовски, Менсур Бајрами, Микеле Мартиновски, Драган Георгиевски – Геџо, Борис Ивановски – Буби и Крсте Георгиевски.

За настап во Македонската лига се одржуваа и квалификации, особено меѓу скопските клубови кои и беа побројни. Во нив учествуваа: Единство од Чаир, Шар, Индустријалец од Ѓорче Петров (подоцна Југококта, денешна Македонија), Пролет од Маџир маало, Балкан и Зафир (подосна Слога Југомагнат). Во таа квалификациска група беше и Љуботен од Тетово – еден од најстарите клубови во Македонија. Но, сепак од сите нив само Македонија, Победа и Работнички се здобија со право да играат во првото првенство на Македонија.

Меѓутоа, веќе на второто првенство на Македонија во сезоната 1946/47 учествуваа 10 клубови. Првото место го освои Македонија од Скопје со 33 бода, пред Работнички со 27, Љуботен (Тетово) 22, Гоце Делчев 20, 11 Октомври (Куманово) 17, Зафир (Скопје) 17, Пелистер 17, Напредок (Титов Велес) 13, Единство (Скопје) 7 и Македонија (Кочани) 7.

Во првенството не учествуваше Победа од Скопје, бидејќи играше во Првата лига на поранешна Југославија. Во тој единствен прволигашки настап во 1946 година настапи во конкуренција на 14 екипи. Победа го освои одличното осмо место.

Шампион на Југославија беше Партизан од Белград, но веќе следната сезона во првата лига настапи скопски Вардар по фузијата меѓу двата скопски клуба Победа и Македонија. Вардар во квалификациите беше поуспешен од Слога (Нови Сад) – денешна Војводина. Резултатот на двете средби беше 1:1 и 1:0. Двата гола за Вардар ги постигна професорот Саво Цветковиќ.

Меѓутоа, Победа не е првиот тим од Македонија што настапил во првата лига на поранешна Југославија. Тоа е скопски Граѓански кој играше во далечната 1938/39 година непосредно пред почетокот на Втората светска војна. За Граѓански тогаш играа: Димиќ, Јовановиќ, Б. Симовиќ, Цветановиќ, Богоевиќ, Атанацковиќ, Чемерагиќ.

Миодраг Мицковиќ




   
   
А репрезентација