Во општина Велес, ФФМ официјално го пушти во употреба најмодерниот терен со вештачка трева

Објавено на 26 Јуни, 2014 во Вести

Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од УЕФА и „хет трик“ програмата за развој, а во соработка со институциите, денеска во општина Велес официјално го пушти во употреба, најмодерниот и најквалитетниот фудбалски терен со вештачка трева.


Овој терен е дел од проектот за поставување  на десет  фудбалски терени со вештачка трева во различни општини во Македонија. На свеченото отворање присуствуваше  претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, Претседателот на ФФМ, г-дин Илчо Ѓорѓиоски, Градоначалникот на општина Велес, г-дин Славчо Чадиев и бројни љубители на фудбалот.

- Желбата на Фудбалската федерација на Македонија е заедно со Владата на РМ и локалната самоуправа да ја подобри спортската инфраструктура. Сигурни сме дека вложувањето во инфраструктурата повторно ќе ги врати љубителите на спортот на нашите натпревари и ќе овозможи да поставуваме нови цели кои ќе не водат до успех, на фер-начин и со вистински вредности. Сакаме да им помогнеме на сите, нашата цел е да направиме заеднички напори и вложувања, а сето она што се работи во европските фудбалски центри, мора да се направи и во Македонија. Ова е голем чекор да направиме куќа со вистински темели.

Без оглед што ФФМ мора да води грижа за бројните репрезентации, никогаш нема да се измориме од давањето поддршка, материјална и секаква друга во сите средини во Македонија. Со поддршка од Уефа, ФФМ е способна да реализира важни проекти за македонскиот фудбал, од изградба на инфраструктура до едукација на тренери, фудбалски работници и навивачи. Со помошта од Владата на РМ, со поддршката од општините можеме да осигураме убава иднина за нашиот спорт, посебно на најмладите категории бидејќи фудбалот од најмали нозе е изворот на идниот македонски фудбал, изјави Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Свое обраќање на свеченоста имаше и Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски кој го поздрави проектот за инсталација на 10-те терени со вештачка трева на територија на државата и истакна дека заложба на Владата на РМ е да се создадат услови за активно вклучување на младите во спортски активности во целата држава. Како докажан спортски пријател, Претседателот на владата на РМ изрази надеж дека овие инфраструктурни подобрувања ќе бидат чекор плус во насока да ги оствариме заедничките цели, децата и младите да се посветат на спортот и здравите вредности.

10-те фудбалски терени со вештачка трева, се дел од соработката на Фудбалската Федерација на Македонија, Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт,  локалната самоуправа како и на програмата за развој на УЕФА.

Тревната подлога поставена на главниот терен на стадионот во Велес е работен според највисоките критериуми на Уефа и ги исполнува условите да биде домаќин на сите репрезентативни и клупски тимови.




   
   
А репрезентација