Објавено на 22 Март, 2019 во Вести
Во насока на унапредување на фудбалската инфраструктура на стадионите во државата и веќе најавените проекти за изградба на трибини на стадионите во Чаир и „Билјанини Извори“ во Охрид, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски како домаќини на високиот претставник од УЕФА, Тјери Фавре, раководител за „Хет трик“ програмата на УЕФА имаа работна средба со градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу и претставници на општината.
Тјери Фавре, одговорниот во УЕФА за „Хет Трик“ програмата на работниот состанок во општина Чаир преку видео презентација детално беше запознаен со планот на активности и целокупниот проект за изградба на новата трибина на стадионот во општина Чаир која ќе се гради како дел од новиот проект на УЕФА, а поддржан од Фудбалската федерација на Македонија и локалната самоуправа.
- Пред сѐ сакам да му честитам на Муамед Сејдини за изборот за претседател на Фудбалската федерација на Македонија, сигурен сум дека со него на чело, ФФМ ќе продолжи успешно да чекори кон зацртаните цели. Долго време сум дел од проектите на УЕФА кои на многу федерации во Европа им даваат поддршка за унапредување на фудбалската инфраструктура и со ФФМ имаме реализирано многу успешни проекти. Она што сакам да го истакнам е дека за прв пат имам прием во кабинет на градоначалник чија општина е дел од проект на УЕФА и позитивно сум изненаден, особено ме радува фактот што и општината планира да вложи свои средства во процесот на унапредување на стадионот. Многу сме задоволни од презентираното, луѓето го сакаат фудбалот и даваат сѐ од себе да го доближат до сите. Ние како УЕФА секогаш ќе даваме поддршка на ваков тип на проекти, а уште по значајно е што овој стадион ќе биде отворен не само за локалните екипи, туку и за националните тимови, изјави Тјери Фавре, претставникот на УЕФА.
- Општината Чаир е фокусирана на проекти насочени кон доброто на заедницата, се залагаме за што повеќе услови за здрав живот низ спорт и рекреација во нашата општина која воедно е и најгусто населена во државата. Особено радува тоа што и националните селекции повторно ќе имаат можност да играат на стадионот во Чаир, по далечната 2003 година кога му бевме домаќини на Роналдо со репрезентацијата до 21 година на Португалија, изјави градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.
- Висар е човек од фудбалот и нас ни е исклучително драго што имаме блиска соработка и можност да направиме големи работи за фудбалот. Како федерација секогаш ќе ја поддржуваме намерата и проектите на локалната самоуправа кои имаат цел да ја развиваат и подобруваат фудбалската инфраструктура. Би сакал да изразам голема благодарност до УЕФА, посебно до нашиот голем пријател Тјери Фавре за напорите кои ги вложуваат да ни помогнат во остварувањето на еден од нашите главни приоритети – создавање можности за фудбал за сите, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.