Велс во последните секунди се спаси од пораз во Скопје

Објавено на 25 Март, 2025 во Вести, Вести


Македонската А репрезентацијаодигра одигра нерешено, 1:1 против Велс во рамки на второто коло од квалификациите за СП 2026. По голема борба, избраниците на Благоја Милевски дојдоа до предност во 91. минута преку Бојан Миовски, но пред самиот крај, во 96. минута, Велшаните се спасија од пораз во Скопје.

Во првото полувреме фудбалерите на Милевски не ризикуваа премногу и Столе Димитриевски беше без работа во првата половина. Сепак, работите се сменија во завршницата на првиот дел. Велшката селекција најзрелата шанса ја имаше во 33. минута, кога ударот на Томас од изгледна позиција заврши во Димитриевски и нашата дефанзива успеа да расчисти. Во 37. минута истиот фудбалер од мртов агол ја погоди пречката, а потоа Димитриевски го скроти ударот на Шихан.

Првиот дел заврши со нашата најзрела можност. Барди изведе корнер од десната страна, Алиоски фати волеј со левата нога, но биеше преку велшкиот гол. Стартот на второто полувреме не донесе многу возбудувања, повторно гледавме тактичка битка и надмудрување на Милевски и Белами. Се до измените, кога влегоа Чурлинов и Атанасов на терен за Македонија. Токму репрезентативното крило ја имаше најдобрата шанса на мечот, кога во 65. минута биеше со волеј, ама голманот Дарлоу го прочита неговиот обид.

На спротивната страна Велс можеше да поведе по едно недоразбирање на Димитриевски и Серафимов, кога топката во 73. минута се одби до Џонсон, ама Висар Муслиу беше на самата гол-линија и расчисти. Пред самиот крај, најискусниот играч Ален погреши, а Бојан Миовски во 91. минута донесе водство. И потоа кога сите чекаа крај, следеше шокантен момент за нас, затоа што на десетина секунди пред крајот, Велс дојде до реми со голот на Брукс.

Во следното коло од квалификациите за СП 2026, Македонија ќе биде домаќин на првиот фаворит во групата Белгија Мечот се игра во јуни, а потоа следи гостување кај Казахстан.




   
   
А репрезентација