Вардар и Шкендија постигнаа договор – без гостински навивачи и симпатизери на натпреварите во Тетово и Скопје

Објавено на 17 Октомври, 2014 во Вести


Официјалните претставници на ФК „Шкендија“ и ФК „Вардар“ постигнаа заеднички договор навивачите и симпатизерите на двата клуба да не присуствуваат на претстојните два натпревари меѓу Шкендија и Вардар во Тетово и Скопје.

Одлуката за постигнатиот договор ФК „Шкендија“ и ФК „Вардар“ ја презентираа на техничкиот состанок организиран во „Куќата на фудбалот“ на кои присуствуваа одговорни лица во Министерството за внатрешни работи на Р.М, претставници од Комисијата за безбедност на Фудбалската федерација на Македонија и официјалните лица од натпреварувачкиот сектор во федерацијата.

ФК „Шкендија“ и ФК „Вардар“ во соработка со Фудбалската федерација на Македонија категорично истакнаа дека ќе се спротивстават на говорот на омраза и национализам, на вандализмот и нетолерантноста, за кои заеднички сметаат дека треба да бидат што подалеку од спортските арени и за што ќе бидат превземени сите мерки во насока на подобрување на фудбалскиот амбиент.

Фудбалската федерација на Македонија во заедничка активност со двата клуба одново потсетува дека во фудбалот нема место за национализам, нетолеранција и насилство. Фудбалската федерација  се надоврзува на платформата на Уефа и Фифа за почитување на играта во сите нејзини сегменти. Да се почитува играта, да се почитуваат правилата, судиите, противниците, навивачите. Да се почитуваат разликите.

На спортските терени треба да владее спортскиот дух и бодрење, натпреварите да бидат празник за вистинските љубители на фудбалот, а сите оние кои вистински не го сакаат спортот и фудбалот треба да останат надвор од спортските арени.




   
   
А репрезентација