Ванче Шиков: „Да бидеме тим во вистинска смисла на зборот“

Објавено на 09 Ноември, 2015 во Вести, Вести

Македонската А репрезентација вечерва во центарот „Петар Милошевски“ го одработи првиот тренинг во пресрет на пријателскиот натпревар против Црна Гора на 12. Ноември во Скопје.

Првиот тренинг го пропушти голманот на Гранада, Столе Димитриевски кој доцна вечерва пристигнува во Скопје, а Леонард Жута доби поштеда по препорака на лекарскиот тим бидејќи чувствува болка во подколеницата по заработен удар на последниот натпревар одигран за Ријека. Капитенот на македонската селекција, Ванче Шиков вели дека е важно да оствариме добар резултат против Црна Гора.

-Квалификациите ги завршивме на најмалку посакуваниот начин и сега е време да се оддолжиме пред себе и пред навивачите. Не заслужуваме да бидеме на местото на кое се наоѓаме, но факт е и дека не изгледавме како екипа на некои од натпреварите во последниот циклус. Новиот селектор наметнува свои идеи и принципи, сите се надеваме дека ќе бидат од корист, а најважно е да донесат резултат. За нас е битно да заборавиме на лошите натпревари и да свртиме нов лист. Враќањето на Горан Пандев е исклучителен момент, сигурно ќе ја подобриме атмосферата, квалитетот во играта и реализацијата, вели Шиков.


Офанзивниот фудбалер на италијански Палермо, Александар Трајковски вели дека резултатот од натпреварите против Црна Гора и Либан е важен за враќање на самодовербата и рејтингот.

-Црна Гора е квалитетна репрезентација, за нас ќе биде многу значајно доколку успееме да оствариме добар резултат. Сметам дека местото кое сега го имаме не соодветствува со нашиот квалитет, но мора и да менуваме некои работи. Со новиот селектор верувам дека ќе бидеме поофанзивни, дека ќе создаваме шанси. Психолошки сме малку паднати по лошите квалификации, но тоа треба да го оставиме зад себе. Ова се натпревари кои можат да ни ја вратат самодовербата и се надевам дека и публиката ќе го препознае тоа доколку бидеме успешни на теренот, вели Трајковски.



   
   
А репрезентација