Утре ќе биде објавен домаќинот на Европскиот Супер Куп во 2017 година

Објавено на 29 Јуни, 2015 во Вести

Утре, вторник, 30. јуни во 12.00 часот ќе се одржи прес-конференција на која ќе биде објавено кој ќе биде изборот на УЕФА за град-домаќин за Европскиот Супер Куп 2017 година.

Скопје и Националната арена „Филип Втори“ имаат големи шанси да бидат домаќини на Европскиот Супер Куп 2017-та година. Супер Купот на УЕФА е натпревар меѓу екипите победници во Лигата на Шампионите и Лигата на Европа. Годинава, европскиот Супер Куп ќе се одржи во Тбилиси, Грузија, а за трофејот ќе се борат Барселона и Севиља.

Позитивно е расположението во европските фудбалски кругови Скопје да биде организатор на овој настан во 2017 година, но сепак треба да се почека до конечната потврда, изјави Филип Поповски, Генерален Секретар на Фудбалската Федерација на Македонија.

Ако се потврдат очекувањата тоа ќе биде историски ден за македонскиот фудбал, за Скопје и Македонија, кои ќе бидат центар на светскиот фудбал.

Претходно, Извршниот комитет на УЕФА донесе одлука Супер купот во 2016 година да се одржи на стадионот „Леркендал“ во Трондхејм, Норвешка, кој е со капацитет од 21.166 седишта. Интенцијата на УЕФА, преку доделувањето на организацијата на Супер купот на помалите земји во Европа, е дополнително да се даде импулс за развојот на фудбалската игра и во овие средини.

Супер купот е настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, го пренесуваат речиси сите земји во светот и претставува врвна фудбалска претстава. За земјата-домаќин е огромна можност за промоција и афирмација во светот.




   
   
А репрезентација