Управен одбор: Одлуки на највисокото тело на ФФМ

Објавено на 16 Јули, 2016 во Вести


Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница ги донесе следните одлуки:

-Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе Правлиник за утврдување на награди за квалификации и пласман на Светско првенство 2018 година во Русија;

Македонската А репрезентација на 5. септември против Албанија во Скадар го отвора новиот квалификациски циклус за пласман на Светското првенство 2018 година.

Пред започнувањето на натпреварите од мундијалските квалификации, претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, капитенот Горан Пандев, селекторот на А репрезентацијата Игор Ангеловски и техничкиот менаџер на А репрезентацијата Саша Ќириќ во име на Федерацијата и репрезентацијата дадоа предлог, а Управниот одбор на ФФМ го потврди правилникот за награди/премии кои ќе ги добијат играчите и стручниот штаб за остварен пласман во квалификациите за СП 2018 .

Сметаме дека за репрезентацијата се игра со срце и нѐ ни беше проблем да најдеме решение кое ги задоволува двете страни. Клучно е она што ќе го покажеме на терен - мораме и посакуваме да бидеме поуспешни во квалификациите кои ни следуваат, а доколку успееме во тоа Федерацијата ќе го награди резултатот. За нас најважно е да оствариме позитивни резултати на натпреварите“, е ставот на репрезентативците за утврдените премии.

Фудбалската федерација на Македонија пласманот на четвртото место во квалификациската група за пласман на СП ќе го награди со 350 илјади евра, 400 илјади евра репрезентативците и стручниот штаб ќе добијат за пласман на третата позиција, а евентуалниот пласман во баражот за Светското првенство ќе им донесе 500 илјади евра. Репрезентативците и стручниот штаб во А селекцијата се согласни дека не треба да следуваат премии доколку пласманот во квалификациската група е под четвртото место. Фудбалската федерација на Македонија ќе им подели половина од наградата на ФИФА за пласман на Светскиот шампионат во Русија.

“Го делиме приоритетот со играчите кога е во прашање пласманот во квалификациите за Светското првенство, ќе го наградуваме успехот, а убедени сме дека оваа генерација на репрезентативци и стручен штаб ќе биде поуспешна во натпреварите кои ни следуваат. Драго ни е што го постигнавме овој договор пред почетокот на квалификациите и со тоа поставивме стандард како ќе работиме и во иднина. На капитенот Пандев и на екипата им посакуваме многу среќа во новиот циклус, рече претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

-Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ги донесе пропозициите за натпреварување во Прва МФЛ за сезоната 2016/2017

-Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ги донесе пропозициите за натпреварување во Втора МФЛ за сезоната 2016/2017

-Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ги донесе пропозициите за натпреварувањето во Купот на Македонија во сениорска конкуренција за сезона 2016/2017

-Управниот одбор на Фудбалска федерација на Македонија го усвои календарот за натпреварување за сезоната 2016/2017




   
   
А репрезентација