Објавено на 11 Јули, 2017 во Вести, UEFA Super Cup
Манчестер Јунајтед против Реал Мадрид, во Скопје на УЕФА Супер Куп 2017.
Поатрактивно финале на УЕФА Супер Купот во нашата држава веројатно не можеше да има! Сега и којзнае дали повторно. Фокусот на светската јавност барем неколку дена, ќе биде насочена кон нас.
Информации за земјата...нејзината култура и традиција ќе бидат пренесувани на главните светски вести, a медиумите ќе истражуваат за Скопје и нашата држава сѐ со цел да подготват интересни прилози за своите гледачи. Можностите се безброј, добиваме можност за светска промоција како земја. На самите нас е да ќе ги искористиме!
УЕФА Супер Куп натпреварот од Националната „Филип Втори“ арена во Скопје ќе се пренесува во живо во 216 земји (49 во Европа и 167 низ светот), а над 280 ТВ станици ќе го пренесуваат пред ТВ аудиториум од неколку милијарди луѓе.
Финалето на Супер Купот отсекогаш им нудел на љубителите на фудбалот атрактивност, многу голови, одличен фудбал...
Интересен е податокот дека Дани Алвеш (Севиља 2006, Барселона 2009. 2011, 2015) и Паоло Малдини како играч на Милан (1989, 1990, 1994, 2003) се фудбалери со најмногу, четири освоени титули.
УЕФА Супер Куп финалето најмногу го освојувале шпански екипи, вкупно 13. пати (Барселона 5, Реал Мадрид 3, Валенсија 2, Атлетико Мадрид 2, Севиља 1), италијанските екипи триумфирале девет пати (Милан 5, Јувентус 2, Лацио 1, Парма 1), додека англиски екипи на Супер Куп трофејот се радувале седум пати (Ливерпул 3, Астон Вила 1, Челзи 1, Манчестер Јунајтед 1, Нотингем Форест 1)
Натпреварот меѓу Барселона и Севиља кој заврши 5:4 е натпревар со најмногу голови, а голот на Евер Банега во третата минута е најбрз гол.
Клубови со најмногу
победи: 5: Милан, Барселона - 3: Ливерпул, Реал Мадрид
2: Ајакс, Андерлехт, Атлетико Мадрид, Јувентус, Валенсија
Со доделената организација на Суперкупот во 2017 година во кој ќе настапат освојувачите на Лигата на шампиони и Лига Европа во сезоната 2016/2017, бенефитите за домашната економија се огромни.
15-20 милиони евра е прогнозираниот износ на средства што ќе се слеат од активностите на посетителите во периодот на одржување на Суперкупот кон македонските ноќевалишта, ресторани, културни знаменитости, компании што нудат транспортни услуги, шопинг центри и останати трговци. Ова се проценките на реномираниот портал Маркетинг 365.
Покрај овие импозантни бројки, малку нереално звучи кога ќе се додаде дека тоа не е сè. Имено, промоцијата што како држава и дестинација ќе ја добиеме меѓу туристичките сладокусци, ќе нѝ дојде сосема бесплатно. Не смее да заборавиме дека прилозите на стотици врвни медиумски куќи кои ќе бидат присутни ќе говорат за земјата домаќин, при што вообичаено е најавните содржини секогаш да бидат во позитивна конотација. Како спортски „деликатес“ кој потекнува од евро-азиското ќоше на светот, потенцијалната публика на која би се обратиле медиумите од Велика Британија до Далечниот Исток надминува три милијарди луѓе.
Во овој контекст е и изјавата на претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кој ја потврди шансата за афирмација на Македонија, што би донело повеќекратна корист за државата на долг рок.
„Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан“ - изјави Ѓорѓиоски.
Фудбалската федерација на Македонија со добиената доверба од УЕФА за организација на Супер купот 2017 станува еден од најголемите амбасадори на нашата земја, промотор на фер-игра, на социјално и општествено вклучување, промотор на здравје и едукација во нашето општество. Ова признание е резултат на добрата работа на ФФМ, на почитта која ја ужива во УЕФА, на досегашните активности и пред сè во спремноста да биде сериозен партнер во реализацијата на врвно спортско натпреварување. Суперкупот на УЕФА ќе се одржи на 8 август 2017 година.