Убедлив пораз од Шпанија

Објавено на 09 Септември, 2014 во Вести

Македонската фудбалска репрезентација претрпе убедлив пораз од 5:1 против европскиот првак Шпанија на стартот од новиот квалификациски циклус за ЕП 2016.

Шпанија имаша целосна доминација и заслужено оствари убедлив триумф. Нашата репрезентација прва се закани во петтата минута кога Агим Ибраими извонредно шутираше од слободен удар од 25 метри, но Икер Касилјас со одлична интервенција го спаси својот гол. Шпанците поведоа во 15. минута кога Рамос погоди од пенал, откако Мојсов направи фаул над Давид Силва. Само три минути подоцна веќе беше 2:0, Давид Силва одлично префрли до Фабрегас на десната страна, фудбалерот на Челзи врати во средината, а Пако Алкасер го постигна дебитанскиот гол во дресот на „црвената фурија“. Македонија возврати во 28. минута кога Трајковски беше соборен од Хуанфран во шеснаесетникот, а судијата покажа на белата точка. Агим Ибраими беше сигурен од пенал намалувајќи го резултатот на 2:1. До крајот на првиот дел Пачовски спаси неколку добри шанси на противникот, но не можеше да интервенира на истекот на првиот дел кога Бускетс од далечина погоди за 3:1. На почетокот на вториот дел одлична можност за Јаховиќ, кој беше проигран од Абдурахими, но Касилјас спаси ситуација еден на еден. Шпанија ја казни промашената прилика во 50. минута кога Давид Силва шутираше прецизно од левата страна погодувајќи за 4:1. Потоа шпанците доминира на теренот, на спротивната страна Касилјас одбрани уште еден одличен шут на Ибраими, а во последните моменти Педро со одлична завршница ја круниса со гол добрата акција на шпанците, погодувајќи за конечни 5:1.

“Заслужена победа на Шпанија. Мислам дека ова е реалноста во однос на квалитетот меѓу двете селекции. Секако дека 5:1 е висок резултат, но ако сме реални можеше да биде и многу повеќе во корист на европскиот првак. Имавме на моменти и можности да се вратиме, но не ги искористивме шансите. Мислам дека без разлика дали ќе игравме со четири или пет играчи во одбрана, Шпанија беше супериорна и доминираше на секаков начин. Тоа е нашата реалност и треба да се свртиме на следните натпревари, најпрвин во октомври со Луксембург”, изјави селекторот на Македонија, Бошко Ѓуровски на прес конференцијата по натпреварот.




   
   
А репрезентација