У-21: Македонија – Романија вечерва од 19.00 часот

Објавено на 13 Октомври, 2014 во До 21 год

Македонската репрезентација до 21. година вечерва на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје во контролен натпревар ја пречекува селекцијата на Романија.

Селекторот на нашата репрезентација до 21. година,  Благоја Милевски ќе го има своето деби на клупата на нашите надежи на  дуелот кој започнува во 19.00 часот. Милевски се надева дека одработеното на подготовките во Дојран играчите ќе го пренесат на терен и заеднички со позитивен резултат да ја започнат соработката.

-Планот за подготовките го одработивме максимално сериозно. Тоа што ние како стручен штаб го баравме, играчите го исполнија. Ни претстои уште многу работа, но начинот на кои фудбалерите се однесуваа на тренинг кампот во Дојран ни дава надеж дека можеме до многу подобри резултати во иднина. Убеден сум дека брзо ќе се прилагодат на бараните новости, принципи и методите на работа. Тука пред се мислам на подобрување на дисциплината во играта и техничко – тактички замисли кои ќе се бараат од секој поединец кој го носи репрезентативниот дрес. Од однесувањето на играчите на подготовките и на натпреварот ќе зависи дали ќе бидат селектирани на следниот собир во ноември, вели селекторот Милевски.

За романската репрезентација истакнува дека е силна со фудбалери кои настапуваат и во италијанското првенство.

-Романија е квалитетна репрезентација, но многу позначајно за мене е начинот на кој ние ќе се спротивставиме. Треба сите да сфатиме дека за нас квалификациите започнуваат од овој натпревар. Иако е пријателски ќе бидеме сериозни во пристапот, максималмно сериозно ќе се бориме со цел успешен почеток на заедничката соработка. Ни недостасуваат повредените Илиев и Аврамовски, додека Радевски и Велковски имаа обврски кон А репрезентацијата и подоцна се приклучија во составот, ги имаме играчите од последниот квалификациски натпревар и само од нив зависи дали ќе се изборат за свое место во младата селекција и ќе бидат повикани на следните собири, дополни Милевски.


Во составот на македонската репрезнетација до 21. година, вчера се приклучи Давид Бабунски од Барселона Б, подготовките со селекцијата целосно ги одработи Филип Пивковски од Новара. Со доаѓањето на Радевски и Велковски, селекторот Благоја Милевски го има тимот кој вечерва од 19.00 часот ќе и се спротивстави на Романија.




   
   
А репрезентација