У-16: Македонија – Романија 3:3 на вториот контролен дуел

Објавено на 23 Октомври, 2014 во Вести

Македонската репрезентација до 16. години одигра нерешено, 3:3 против селекцијата на Романија во вториот контролен натпревар меѓу двете млади репрезентации одигран на теренот во комплексот “Куќа на фудбалот“.

Нашата млада селекција губеше на полувреме со 2:0, но во вториот дел избраниците на селекторот Вујадин Станојковиќ одиграа на високо ниво и остварија позитивен резултат против силната селекција на Романија. Гостинската репрезентација обезбеди предност од 2:0 во 30. и 32. минута со головите на Мезин Андреи и Александру Никусор. Нашите млади фудбалери во првото полувреме не создадоа сериозна шанса за погодок, но на почетокот од продолжението три пати резлизиравме за само 11. минути. Во 54. минута, Јани Атанасов го постигна својот прв гол за намалување на предноста на романците, а истиот фудбалер го израмни резултатот во 65. минута постигнувајќи еврогол од работ на шеснаесетникот. Нашата доминација продолжи и резултираше со трет гол и водство во 65. минута кое ни го донесе Филип Стојчевски. Сепак, нашата предност кратко траеше, Романија успеа да израмни по само две минути со голот на Стефанита Раду. До крајот на натпреварот нашата репрезентација ја имаше иницијативата, неколкупати се обидовме, но не успеавме да постигнеме гол за победа против Романија.

-Одигравме два квалитетни натпревари против одличната селекција на Романија. Посебно возбудлива беше денешната пресметка, ме радува тоа што покажавме дека можеме да се вратиме и по негатива од два гола на полувреме. Против Романија забележливи беа одредени наши недостатоци на кои во иднина ќе работиме, но исто така видовме дека имаме и квалитет и добри страни во играта, посебно кога функционираме како колектив. Задоволен сум од резултатот, но има уште многу работа за да го достигнеме нивото кое како стручен штаб го бараме, играчите мора да работат напорно и во клубовите, изјави селекторот на репрезентацијата, Вујадин Станојковиќ.

На вториот натпревар против Романија, македонската репрезентација играше во следниот состав: Петковски, Кировски, Стојменовски, Ѓорѓичков, Делевски (72` Марковски), Елиф (53` Стојчевски), Сефо (40` Ананасов), Маневски, Трапановски, Аздрен (40` Трајков), Таневски (40` Јовановски).



   
   
А репрезентација