Трибина на Стопанската комора на Македонија и ФФМ за општествената корпоративна одговорност на компаниите согледана преку спортот

Објавено на 27 Февруари, 2015 во Вести

Стопанската комора на Македонија, заедно со Фудбалската федерација на Македонија, директно се вклучуваат во активностите кои што треба да придонесат во остварување на целите дефинирани во Програмата за развој на спортот во Република Македонија.

Ова беше истакнато во  трибината на тема  “Општествена корпоративна одговорност на компаниите согледана преку спортот“ која што се одржа на 27.2.2015 година во Стопанската комора на Македонија со учество на претставници од ФФМ, спортски работници и компании -  подржувачи на спортот.

-Бројните се примерите на вклученост на бизнис-секторот во спортот и спортските активности, преку разни активности на членките на Комората во насока на повеќекарактерно подигнување на квалитетот на севкупното живеење, како предуслов за достигнување придобивки одразени низ параметри од кои произлегуваат атрибути за постоење здрава нација. Се стремиме кон креирање стабилен систем за поддршка и развој на оваа дејност со цел да се обезбедат одржливи извори за негово финансирање низ поттикнување на стопанските субјекти истиот да го поддржуваат, односно, кон воспоставување платформа за остварување на идејата за унапредување на атрибутите кои водат кон зајакнување на националните вредности одразени преку спортот. – истакна м-р Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

Целта на  соработка меѓу деловната асоцијација и ФФМ, како што нагласи таа,  е да изградиме систем на вредности преку кои ќе се обезбеди развој на спортот и поттикнување на нашата младина активно да се вклучи во обезбедување на здрава иднина. За потсетување, Комората и ФФМ  имаат потпишано  и Меморандум за соработка.

-Дел од целите кои ќе се стремиме да ги оствариме е преку утврдена динамика на активности да реализираме тркалезни маси, конференции кои би биле од значење на двете страни преку кои фудбалот ќе придонесе за дополнителен развој на корпоративната одговорност на компаниите. – подвлече м-р Елена Милевска Штрбевска. –Во моментов, практичните потреби за уредување на целокупната материја поврзана со спортското право и спортската етика се многу понапред од реалната уреденост на целата оваа проблематика.Ние ќе настојуваме, преку заедничка работа во овој сегмент да овозможиме почитување на основните спортски, етички и  деловни принцпи поврзани со спортот, од причина што сето тоа е од интерес како за нашите асоцијации, така и за нашите членки и за општеството во целина.

Според Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ,  оваа федерација според својот статут, цел на основање и работа е социјално одговорна организација и ја има обврската, одговорноста, но пред сѐ задоволството,  да ја организираме фудбалската игра во Македонија, на сите нивоа.

-Фудбалската Федерација на Македонија е дел од заедницата во секој сегмент од својата работа. Секоја инфраструктурна инвестиција во подобрување на условите на стадионите е инвестиција за заедницата. Секој проект кој се однесува на фер-плејот и борбата против насилство на фудбалските терени е начин на кој фудбалската игра се доближува до заедницата. Со организација на сите нивоа на натпреварувања фудбалската федерација ѝ ја доближува прекрасната игра на заедницата, праќајќи јасна порака дека фудбалот е игра за сите, и дека секој во согласност со своите афинитети може да ја осети фудбалската магија. – подвлече Филип Поповски.

Тој ги спомена и проектите  кои во овој момент ги спроведува ФФМ:  „100 % фудбал“, „Подобрување на инфраструктурата“, „Капитени на промени“. „Детски лиги“, „Фудбалска академија“, „Континуирана едукација“... Во ФФМ има  повеќе од 22.000 регистрирани играчи, 530 активни фудбалски клубови низ целата земја, 520 активни фудбалски судии од различни категории, 290 лиценцирани фудбалски тренери, 5500 деца кои секој викенд ја играат својата омилена игра во рамки на детските лиги – Обединети во радоста што ја носи фудбалот!

 Д-р Ванчо Поп Петревски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот  „Св. Кирил и Методиј“  истакна дека добивките од спортот не ги гледа само во освоените медали на професионалите спортисти, туку и во развојот на силни и самоуверени индивидуи, кои на крајот на денот не се само добри спортисти, туку и добри работници, претприемници и слично.

Искуства од инвестирањето во спортот споделија претставниците од компаниите  „Сава Осигурување“,  „Кодинг“  и  „Македонски Телеком“.

-  Константно сме  упорни во спојувањето на  коропративни интереси со општествените. Признание за успешноста на ваквата корпоративна политика е  добивањето на  „Бронзен подржувач“  доделен од  Црвениот  крст на Република Македонија. Секоја компанија сака мотивирани вработени и добар имиџ во опшеството – спомена Ило Ристовски од „Сава осигурување“.

Симона Костова,  од Кодинг,  која ја полни „Горска“,  најмладиот учесник на трибината,  рече дека нивната компанија дури има и посебна платформа наречена „Вода и здравје“.  Таа е насочена кој промовирањето на спортот и генерално  - здравиот живот.

- Покрај тоа што сме покровители на кошарката, фудбалот и ракометот,  превземаме  активности за потикнување на спорот кај обичниот граѓанин, при што би ја споменала,  како  пример,  нашата  серија настани „Вежби под отворено“, на кои присустуваа над 500 лица. Посебно внимание  обрнуваме и на развојот на линијата спортски производи како „Горска Спорт Изотоник“ и „Горска со Л-карнитин“, - објасни Костова.

Претставникот од Македонски телеком,  Димитар Ковачевски,  го сподели богатото искуство  што го имаа оваа компанија на полето на поддршка на спортот, бидејќи таа не  не е само една од најголемите компании во Македонија, туку и во светот.

- Одлуките да се инвестира во  спортските активности  не се носат врз основа на некој инстинкт, туку врз длабока анализа на бенефитот кој произлегува од таквото инвестирање. Главното очекување е  изградбата на препознатлив бренд, со кој пошироката јавност ќе се идентификува. Дури и  вработените во компанијата  лично  го промовираат спортот со  учество во некои од манифестациите што ги финасираме, како што е тоа  скопскиот полумаратон. – спомена Ковачевски

Главни прашања што ги имаат присутните беа  во врска со тоа како може да се олесни постапката за даночните олеснувања кои потекнуваат од спонзорство и донации, тема со која ФФМ, Стопанската комора на Македонија  и бизнис заедницата ќе се занимаваат во блиска иднина. Исто така, беше напоменато и влијанието кое го има пакетот на законски измени за придонесите на договорите за дело т.е. дека автоматски ги зголемуваат расходите на клубовите, а со тоа се намалува просторот за инвестирање и развој.




   
   
А репрезентација