Објавено на 21 Февруари, 2017 во Вести, Семинари
Повеќе од 300 тренери од Македонија имаа можност да присуствуваат на форумот на кој свое излагање имаа директорот на центарот на едукација на ФФМ, Професор Небојша Марковски и директорот за едукација на тренери на УЕФА Франк Лудолф.
Присутните ги поздрави претседателот на ФФМ - Илчо Ѓорѓиоски, техничкиот директор - Зоран Стратев и претседателот на тренерската организација на ФФМ - Ѓоре Јовановски.
„Драго ми е што се слави еден ваков значаен јубилеј. И јас сум производ на оваа наша Македонска тренерска школа. Треба да сме горди на овие 15 години традиција во тренерската едукација, и сите заеднички да работиме на зачувување на тренерската струка и поголемо почитување на тренерската професија. Вашето присуство на овој форум претставува знак на вашиот сериозен пристап кон тренерската работа бидејќи како што е важно за еден играч да се стекне со искуство низ натпревари и тренажен процес, така за тренерите е важно да поминат низ процес на квалитетна едукација и практична работа на терен со цел да постигнат високо ниво на развој.
Би сакал да им честитам на сите вклучени во работата на центарот за едукација на ФФМ и посакувам уште многу години успешна работа.“ - истакна претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Првиот ден од форумот беше затворен со излагањето на селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Благоја Милевски кој зборуваше за Патот до Полска и неговиот тренерски пристап.Вториот ден од форумот го отвори членот на УЕФА комисијата за развој и технички директор на Хрватскиот Фудбалски Сојуз - Ромео Јозак со предавање за фудбалскиот развој на млади фудбалери.
„Една од клучните работи за развој на младите играчи е адекватноста во пристапот. Фокусирање во тренажниот процес на возраста и потенцијалот за развој на играчите. Кога станува збор за 12 годишни фудбалери фокусот не треба да биде на резултатите, туку на адекватниот пристап на развој. Хрватска има голем извоз на млади фудбалери. Тоа се должи на добриот баланс помеѓу талентот, напорната работа и нашиот менталитет и желба за победа. Менталитетот и талентот се нешто што е заедничко за регионот на балканот. На Македонија не ѝ недостасува талент, а во фудбалската Федерација се гледа и амбиција и капацитет за напорна работа. Тоа е она што е пресудно Македонија да се квалификува на првенството до 21 година во Полска, и сигурен сум дека во иднина ќе се радувате на уште многу слични успеси“ - изјави Јозак.
Форумот завршува со предавањето на Мика Плателаинен - член на УЕФА техничката комисија за анализа на ЕУРО 2016 кој акцентот го става на постигнувањето на голови на Европското Првенство во Франција.