Тони Јакимовски: Верувавме во успех

Објавено на 19 Октомври, 2023 во Вести, До 19 год


Младата репрезентација на Македонија до 19 години одигра одличен квалификациски турнир во Полска и го освои второто место успевајќи да се пласира во елитната рунда квалификации за пласман на ЕП во конкуренција на големите фаворити Германија и домаќинот, Полска.

Избраниците на селекторот, тони јакимовски во првото коло ја надиграа Полска со 2:0, во вториот меч бевме поразени од Германија со 3:1, a во последното коло одигравме нерешено 1:1 против Казахстан, доволно за пласман во следната елитна фаза квалификации.

По остварениот успех, селекторот на младата репрезентација на Македонија, Тони Јакимовски, даде краток осврт и анализа за квалификацискиот турнир во Полска.

Честитки до моите фудбалери кои одиграа одличен турнир во Полска. Не беше воопшто лесно да се игра против силните и моќни репрезентации на Германија и Полска.

- Потајно се надевавме дека можеме да оствариме успех и покрај тешката група во која се наоѓавме. Одработивме одлични подготовки, момците и на последниот пријателскиот дуел со А.П. Брера покажаа голем натпреварувачки дух, желба за надигрување и максимална посветеност. Голема поддршка имавме од Фудбалската федерација на Македонија која ни овозможи максимални услови за подготовки и натпревари. 

- Во првото коло од квалификацискиот турнир, одигравме фантастичен меч против домаќинот, селекцијата на Полска, во кој успеавме да забележиме сосема заслужена победа. Радува фактот што моите фудбалери одиграа квалитетно и пред се со голема самодоверба во текот на сите 90. минута против силен противник.

- Во второто коло се соочивме со силната Германија, одигравме одлично во поголемиот дел од мечот, но на крајот не успеавме да извлечеме позитивен резултат. Знаеме сите за големината на Германија која на овој турнир располагаше со по двајца квалитетни фудбалери на секоја позиција, додека ние и пред самиот почеток на квалификациите се соочивме со одредени потешкотии околу составот, со оглед на тоа што неколку фудбалери кои беа планирани, не беа во можност да се стават на располагање на репрезентацијата.

- Во последното коло бев принуден да направам неколку измени, со оглед на тешките и исцрпувачки мечеви со Полска и Германија. Добро го започнавме натпреварот, но по примениот гол паднавме во играта. На крајот, Зенделовски постигна феноменален погодок кој ни донесе значаен бод во борбата за тоа второ место. На крајот имавме и среќа, но среќата ги прати храбрите, а ние на крајот по се она што го покажавме сосема заслужено се пласиравме во следната елитна фаза.

- Имаме доволно време да се подготвиме за елитната фаза квалификации кои се во месец март. Ќе одработиме подготовки, не очекуваат и неколку пријателски средби во кои ќе ја темпираме формата за предизвикот што не очекува во следната фаза од квалификациите. 



   
   
А репрезентација