Тимски, борбено, ангажирано! Македонија вечерва против Словачка

Објавено на 14 Јуни, 2015 во Вести, Вести

Македонската А репрезентација вечерва против Словачка на стадионот „Под Дубном“ во Жилина го игра натпреварот од шестиот квалификациски круг за пласман на Европското првенство.

Домашната репрезентација е лидер во групата со максимален ефект, Македонија во Жилина ќе бара изненадување во деби натпреварот на Љубинко Друловиќ и неговиот стручен штаб како предводници на нашата селекција. Неговиот асистент во стручниот штаб, Игор Ангеловски смета дека пресметката против Словачка е вистински предизвик за сите во составот и се надева дека вечерва тимот ќе биде на прво место.

-Натпреварот против Словачка за нас ќе биде вистински предизвик. Во изминатите неколку месеци репрезентацијата и фудбалерите беа изложени на критики за остварените резултати и  ова е еден вид нов почеток. Сите сме насочени кон остварување на целта, стручниот штаб и фудбалерите се убедени дека имаме квалитет да го поправиме досегашниот ефект во квалификациите и ќе бидеме многу среќни доколку успееме да направиме добар резултат вечерва против лидерот во групата. Селекторот Друловиќ наметна филозофија на работа која успешно ја спроведувавме на подготовките и ако успееме да ја реализираме и на теренот ќе биде одлично за нас. Ќе се бориме, ќе се обидеме да го ставиме тимот на прво место, ако успееме во тоа резултатот нема да биде негативен. Сигурни сме дека во сите 90. минути фудбалерите ќе се борат и во фаза на одбрана и во напад, организацијата во сите линии е многу важна, а јас се надевам дека ќе бидеме на високо ниво, изјави Игор Ангеловски, тренер во репрезентацијата на Македонија.


Многу важен дел од играта на македонската репрезентација е фудбалерот на Динамо Загреб и наш репрезентативец, Аријан Адеми. Вели дека очекува добра игра која ќе ни донесе позитивен резултат.

-Словачка има класа играчи, Хамшик, Шкртел, Кучка...фудбалери кои имаат екстра квалитет. Ќе биде тежок натпревар, но ние навистина работевме одлично во изминатите десетина дена и гледаме оптимистички пред натпреварот. Мислам дека ќе одиграме добар натпревар, бараме бод или три без оглед што Словачка е лидер во групата и нема загубено. Најважно е да играме тимски, да се штитиме еден со друг, да помагаме во сите фази од играта. Ова за нас е можност да го поправиме впечатокот во квалификациите, вели Адеми. 




   
   
А репрезентација