Објавено на 18 Ноември, 2016 во Вести
Фудбалската федерација на Македонија во целост го заврши својот дел од обврската кога е во прашање реконструкцијата на Градскиот стадион во Тетово, проект на ФФМ од програмата „Хет трик 4“ на УЕФА за поставување нова тревна подлога и поставување рефлектори на Градскиот стадион. ФФМ пред неколку месеци на стадионот во Тетово го изгради најмодерниот терен со дренажен систам по највисоките стандарди на Уефа, а оваа недела успешно беа тестирани и рефлекторите за осветлување на стадионот. Општина Тетово треба да обезбеди довод на електрична енергија за приклучок на рефлекторите, обврска која треба да ја исполни за да можат да се играат натпревари во вечерни термини.
-Вложивме многу напори и средства за развој на фудбалските центри. Тоа е инвестиција во развој на македонскиот фудбал и една од основните задачи на Федерацијата. На почетокот на нашата работа најавивме дека инфраструктурните подобрувања и развојот на фудбалските центри е еден од нашите приоритети и ова е доказ дека работиме согласно со таа визија, порача претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
-Правиме се што е во наша моќ да и го дадеме потребното на нашата држава, на нашиот фудбал, а тоа е инфраструктурата, на тоа мораме сите да работиме. Треба да ги поздравиме вложувањата и да се надеваме дека и останатите страни од договорот во овој проект ќе ги завршат своите обврски. Во модерниот фудбал терените и инфраструктурата се можеби клучниот елемент за развој на нашата игра, додаде Ѓорѓиоски.