Судиска анализа за 8. коло во Прва МФЛ и 6. коло за Втора МФЛ

Објавено на 27 Септември, 2023 во Вести


Судиска комисија ги разгледа спорните моменти од 8. коло на ПРВА МФЛ и ги донесе следните заклучоци:

На натпреварот ФК Тиквеш - ФК Брегалница  одигран на 24.09.2023 година, анализирани се ситуациите од 50. и 68. минута.

Главен судија: Марјан Младеновски; Помошни судии: Даниел Василевски и Андреј Ќамилов;

50. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за недосуден слободен удар за гостинскиот играч, голот е регуларен)

Играч на гостинската екипа беше во посед на топката пред својот шеснаесетник, играч на домашната екипа беше во полн налет и на регуларен начин му ја изби топката од нога на гостинскиот играч, потоа ја зема топката во свој посед, го помина голманот и постигна гол.

Исправна одлука на главниот судија, голот е регуларен бидејќи немаше елементи за да се досуди слободен удар за гостинскиот играч, топката му беше избиена на рагуларен начин.

68. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за досуден пенал за гостинската екипа)

Играч на гостинската екипа беше во посед на топката странично во шеснаесетникот на домаќините, кога гостинскиот играч го помина играчот на домашните, домашниот играч со коленото направи прекршок на ногата на противникот, спречувајќи го во акцијата.

Исправна одлука на главниот судија, досуден пенал за екипата на гостите, поради недозволен старт (со колено) на играч на домаќините над играч на гостинската екипа (на нога).

На натпреварот ФК Воска - ФК Шкупи одигран на 24.09.2023 година, анализирани се ситуациите од 34. и 82. минута.

Главен судија: Крумислав Ѓорѓиев; Помошни судии: Бранко Путилин и  Кристијан Џонов;

32. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за досуден пенал за гостинската екипа)

Играч на гостинската екипа беше во посед на топка и сам пред голманот на домаќините во шеснаесетникот (близу просторот од 5,5 метри) на домашната екипа, противнички играч со недозволен лизгачки старт од зад грб (на ногата на противникот) направи прекршок и со тоа го спречи играчот на гостите да упати удар кон голот..

Исправна одлука на главниот судија, досуден пенал за гостинската екипа и доделен жолт картон за играчот на домаќините, за недозволен старт (лизгачки старт на нога на противник) и спречување очигледна шанса за гол.

82. минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за досуден пенал за домашната екипа)

На една топка која не беше во ничиј посед во шеснаесетникот на гостинската екипа тргнаа два противнички играчи, домашниот играч беше со грб свртен кон голот на гостите, гостинскиот играч прв стигна до топката, направи лизгачки старт, ја удри топката со едната нога, а со другата нога (која му беше потпрена на земја имаше минимален контакт со ногата на противникот), по што играчот на домаќините падна.

Погрешна одлука на главниот судија што досуди пенал за домашната екипа, во оваа ситуација главниот судија требаше да дозволи играта да продолжи, бидејќи гостинскиот играч прв стигна до топката и ја удри, контактот со другата нога беше минимален и не е доволен за да се досуди пенал.

На натпреварот ФК Струга Трим Лум - ФК Работнички одигран на 24.09.2023 година, анализирана е ситуацијата од 45+2 минута.

Главен судија: Марјан Стојановски; Помошни судии: Куштрим Лика и Давор Цветановски;

45+2 минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за досуден пенал за домашната екипа)

Играч на домашната екипа беше во посед на топката пред шеснаесетникот на гостинската екипа, противнички играч направи недозволен старт на ногата на домашниот играч по што играчот падна внатре во шеснаесетникот на гостинската екипа, иако стартот беше направен пред линијата на шеснаесетникот.

Погрешна одлука на главниот судија што досуди пенал за домашната екипа, во оваа ситуација главниот судија требаше да досуди слободен удар за домашната екипа, бидејќи стартот на гостинскиот играч над играчот на домаќините беше направен пред линијата на шеснаесетникот на гостинската екипа.

На натпреварот  ФК Шкендија - ФК Македонија Ѓ.П одигран на 24.09.2023 година, анализирана е ситуацијата од 56. минута.

Главен судија: Влатко Илиоски; Помошни судии: Дејан Костадинов и Слаѓан Марковски;

56. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (за досудено офсајд позиција за домашната екипа - исправно поништен гол)

Играч на домашната екипа центрираше во шеснаесетникот на гостинската екипа, во моментот на  центаршутот еден домашен играч се наоѓаше во офсајд позиција, а друг во регуларна позиција, топата дојде до играчот кој се наоѓаше во регуларна позиција и ја удри топката која дојде до соиграчот кој се наоѓаше во недозволена офсајд позиција и постигна гол.

Исправна одлука на вториот помошен судија што сигнализираше недозволена офсајд позиција и го поништи голот, бидејќи играчот на домаќините кој го постигна голот, во момент на центаршутот се наоѓаше позади претпоследниот играч од одбраната на гостите.

На натпреварот  ФК Брера А.П - ФК Силекс одигран на 24.09.2023 година, анализирани се ситуациите од  58, 60 и 83 минута.

Главен судија: Јован Качевски; Помошни судии: Разме Бакрачески  и Климент Ристоски;

58. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за досуден пенал за гостинската екипа)

Играч од домашната екипа додаде топка до својот голман кој се наоѓаше во својот голмански простор, голманот лошо ја прими топката, противнички играч му ја зема топката регуларно и во моментот кога сакаше да шутне кон празниот гол, голманот сакајќи да му ја избие топката направи недозволен старт со раце на ногата на играчот.

Исправна одлука на главниот судија, досуден пенал за гостинската екипа и доделен жолт картон за голманот на домаќините поради недозволен старт со рацете на ногата на противничкиот играч и спречување очигледна шанса за гол.

60. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за доделен втор жолт - ЦРВЕН картон за играч на гостинската екипа)

По одбранет пенал, голманот на домашната екипа сакаше од својот казнет простор да додаде топка до свој соиграч и да тргнат во ветувачка акција, играч на гостинската екипа кој се наоѓаше пред самата линија од шеснаесетникот намерно со рака ја спречи акцијата.

Исправна одлука на главниот судија, досуден слободен удар за екипата на домаќините и доделен жолт картон за играчот на гостинската екипа поради намерна игра со рака и спречување ветувачка акција, бидејки тоа беше втор жолт картон за играчот, автоматски му беше доделен ЦРВЕН картон.

83. минута. ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ВТОРИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (за досудено офсајд позиција за домашната екипа, поништен регуларен гол).

Играч од домашната екипа додаде топка до свој соиграч, кој во моментот на додавање на топката се наоѓаше во регуларна позиција (пред претпоследниот играч од одбраната на гостите), потоа играчот ја додаде топката до друг соиграч (кој се наоѓаше во регуларна позиција) кој постигна гол.

Погрешна одлука на вториот помошен судија што досуди офсајд позиција за екипата на домаќините, бидејки играчот на домаќините кој ја додаде топката до соиграчот што постигна гол, се наоѓаше во регуларна позиција (зад претпоследниот играч од одбраната на гостинската екипа) и голот што го постигна домашната екипа е регуларен.

На натпреварот ФК Вардар - ФК Гостивар немаше спорни ситуации за судиска анализа.

Судиска анализа за 6. коло од ВТОРА МФЛ за сезона 23/24

Судиска комисија ги разгледа спорните моменти од 6 коло на ВТОРА МФЛ и ги донесе следните заклучоци:

На натпреварот  ФК Осогово - ФК Беласица одигран на 23.09.2023 година, анализирана е ситуацијата од 66. минута.

Главен судија: Дени Лековски; Помошни судии: Владимир Митревски и Дарко Василевски;

66. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за доделен ЦРВЕН картон за играч на гостинската екипа)

Судијата ја прекина играта поради симулација за пенал на гостински играч, во моментот кога сакаше да додели жолт картон поради симулација, играчот на гостинската екипа неспортски почна да се однесува кон судијата и приговара втурнувајки се близу телото на судијата. Исправна одлука на главниот судија, место жолт картон за симулација на играчот на гостинската екипа, му беше доделен ЦРВЕН картон поради неспортски однос кон судијата.

На натпреварот ФК Пелистер - ФК Караораман одигран на 23.09.2023 година, анализирани се ситуациите од 36. и 77. минута.

Главен судија: Александар Василевски; Помошни судии: Милан Петров и Борис Трајков;

36. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за досуден пенал за домашната екипа)

Играч на домашната екипа беше во посед на топка странично од голот на гостинската екипа, кога играчот влезе во шеснаесетникот, играч од екипата на гостите направи недозволен старт (од зад грб) на ногата на противикот и направи прекшок.

Исправна одлука на главниот судија, досуден пенал за екипата на домаќините поради недозволен старт (од зад грб) на ногата на играч на гостинската екипа над противнички играч.

77. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за досуден пенал за домашната екипа)

Играч на домаќините беше во посед на топка малку странично во шеснаесетникот на гостинската екипа и во очигледна шанса за гол, играч на гостинската екипа минимално го турна играчот и потоа со ногата сакајќи да ја избие топката направи недозволен старт на ногата на играчот на домаќините.

Исправна одлука на главниот судија, досуден пенал за домашната екипа и доделен жолт картон за играчот на гостинската екипа, поради недозволен старт на ногата на противникот (целта му беше да игра со топка) и спречување очигледна шанса за гол.

На натпреварот  ФК Арсими - ФК Вардар Неготино  одигран на 23.09.2023 година, анализирана е ситуацијата од 80. минута.

Главен судија: Александар Грујоски; Помошни судии: Мартин Дејаноски и Јован Анѓелкоски;

80. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА И СОРАБОТКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА И ПРВИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА  (за доделен ЦРВЕН картон за играч на домашната екипа)

Во текот на играта играчот на домашната екипа намерно со лакт го удри гостинскиот играч кој ја немаше во посед топката, по брза косултација со првиот помошен судија беше додуден слободен удар за гостинската екипа.

Исправна одлука и соработка на главниот судија и првиот помошен судија, досуден слободен удар за гостинската екипа и доделен ЦРВЕН картон за играчот на домашната екипа поради намерно удирање со лакт на противнички играч.

На натпреварот  ФК Тетекс - ФК Детонит  одигран на 23.09.2023 година, анализирани се ситуациите од 26 и 90+5 минута.

Главен судија: Доне Ристовски; Помошни судии: Давор Дишлиевски и Зоран Ангелов. 4-ти судија: Јордан Јовановски;

26. минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (за недосуден пенал за гостинската екипа)

Домашен играч во својот шеснаесетникот ја изби топката надвор од шеснаесетникот, во тој момент од зад грб противнички играч сакаше да помине покрај играчот на домаќините и истиот намерно ја рашири раката (зголемувајки го волуменот од телото) и со пределот на подлактицата направи неспортски потег во главата (лицето) играчот на гостите.

Погрешна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи, во оваа ситуација главниот судија требаше да досуди пенал за екипата на гостите и да додели жолт картон за играчот на домашната екипа поради неспортски старт (намерно поставување подлактица во главата (лицето) на противнички играч.

90+5: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА И СОРАБОТКА СО 4-ТИОТ СУДИЈА (за недоделен ЦРВЕН картон на играч на домашната екипа, иако тоа му беше втор жолт картон на играчот)

При една борба за топка два противнички играчи меѓусебно имаа конфронтација, главниот судија исправно досуди слободен удар за домашната екипа и додели жолт картон на двајцата играчи.

Погрешна одлука на главниот судија што не му додели ЦРВЕН картон на играчот на домашната екипа туку го остави играчот да го доигра натпреварот, бидејќи тоа му беше втор жолт картон, првиот жолт картон играчот го доби во 86 минута поради неспортски однос (шутирање на топка после досудена офсајд позиција).

Во оваа ситуација не е добра соработката на целиот судиски тим, посебно не е добра соработката помеѓу главниот судија и 4-тиот судија.

Од натпреварот ФК Башкими - ФК Саса иако не влијае на резултатот, Судиската комисија не е воопшто задоволна од менаџирањето на главниот судија (дозволи двете екипи да играат со иста боја на спортска опрема, недоделени дисциплински мерки, а посебно судиската комисија не е задоволна од менаџирањето на последните 9 минути од натпреварот (од 88 до 90+7 минута), од 88 минута до 9о+5 минута имаше прекин на играта, главниот судија имаше покажано 6 минути да се игра дополнително време за да во 90+7 мин досуди крај на натпреварот.

На останатите натпревари од ВТОРА МФЛ немаше спорни ситуации за судика анализа.




   
   
А репрезентација