Објавено на 11 Август, 2014 во Вести, До 21 год
Во рамки на конференцијата за печат, Вујадин Станојковиќ в.д. селекторот на репрезентацијата информираше за начинот на кои ќе се подготвува неговата селекција, за очекувањата и целта од натпреварот против една од најсилните репрезентации во нашата група од циклусот за пласман на ЕП 2015.
-За мене е голема чест што ја добив довербата да бидам еден од предводниците на младата репрезентација. Знам дека ова е добра група на фудбалери и доколку влеземе посветено во исполнување на обврските ќе успееме да направиме позитивни работи. Како фудбалски работници целта е да бидеме оптимисти пред било кој натпревар. Израел е силна репрезентација, резултатите од групата го говорат тоа, но мораме да се обидеме и ние да наметнеме победничко размислување. Последните две пресметки од овие квалификации ќе ни дадат слика за играчите кои можат сериозно да се наметнат во идниот квалификациски циклус. Очекувам да се придржуваат кон договорените задачи, да ги одработиме подготовките на високо ниво и да излеземе подготвени за пресметка против Израел. Верувам во тимот, иако се соочуваме со проблеми поради отсуство на неколку фудбалери, изјави селекторот Вујадин Станојковиќ.
Новиот фудбалер на Црвена звезда, Даниел Аврамовски изјави дека промените во тимот можат да донесат позитивни работи, се надева на добра игра и поддршка за младата репрезентација.
-Очекувам добра игра, работиме со нов предводник и наша задача е да ги почитуваме барањата и поставените задачи од стручниот штаб. Израел е силна репрезентација, но мислам дека ќе се прикажеме во добро светло. И за нас е битно да оствариме позитивен резултат, изјави Даниел Аврамовски.
На прес конференцијата свое обраќање до новинарите и јавноста имаше и техничкиот менаџер на репрезентацијата до 21 година, Саша Ќириќ.
-Имам одлична соработка со ФФМ, која сега доби официјална димензија и се надевам дека заеднички ќе придонесеме кон развој на македонскиот фудбал. Мојата основна работна обврска е да бидам врска меѓу членовите на репрезентацијата, стручниот штаб и федерацијата. Ќе ги следиме, скаутираме и контактираме фудбалерите кои или веќе се внатре во тимот или имаат потенцијал да бидат наши членови. Се надевам дека и ждребката за следниот циклус ќе биде поволна за нас и со малку среќа да се радуваме на подобар резултат. Со создавање нова генерација стартуваме веќе во среда, изјави Саша Ќириќ.
Македонската репрезентација денеска од 20.00 часот ќе тренира на терените во комлексот „Куќа на фудбалот“, утре од 20.00 часот на Националната арена „Филип Втори“.
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....