Објавено на 12 Октомври, 2014 во Вести
Охрабрени од победата со пресврт над Луксембург, но без повредените Ибраими и Демири, македонските фудбалери се подготвени за дуелот со Украина, каде што се бара позитивен резултат. Како секогаш, и сега селекторот Ѓуровски не остапува од замислата да се игра напаѓачки фудбал, со тоа што се има предвид дека затоа се прашува и противникот кој сигурно ќе се обиде да издвојува победа на свој терен и пред своја публика. Во тој правец, иако ќе се игра за победа, за Македонија успех ќе биде и ако успее да извлече нерешен резултат. Избраниците на Ѓуровски вечерва го одржаа последниот и единствен тренинг на стадионот ‘Арена Лвов’, разрешувајјќи ги и последните дилеми пред утрешниот натпревар. Селекторот Ѓуровски има неколку недоумици околу стартниот состав, бидејќи се знае дека поради повдреди за Украина не патуваа Ибраими и Демири, а на нивно место експресно беа поканети членовите на Работнички, Аце Стојков и Горан Силјановски. Проблем за стручниот штаб се и двајцата стандардни штопери Мојсов и Шиков, така што за стартните единаесет ќе се реши пред самиот натпревар и во зависност од состојбата на играчите. Секако, селекторот вели дека што и да се случи, тој во тимот има доволно фудбалери и нема да се плаши ако треба да стартува со двајца помлади играчи во последната линија. Пред вечерачниот тренинг на официјалната прес конференција присуствуваа селекторот Бошко Ѓуровски и напаѓачот Адис Јаховиќ.
“Скапо ја плативме победата над Луксембург, и приморани сме да направиме измени. Исто така на повреда за жалат и Мојсов и Шиков, така да пред натпреварот ќе видиме со што точно располагаме, па врз основа на тоа ќе биде креиран и почетниот состав. Секако ние дојдовме во Лвов да играме фудбал, и да ја подобриме сликата од претходните наши изданија. Треба да се напомене дека ние имаме почит за Украина, која е голем фаворит, но и ние имаме свои планови. Дојдовме тука со идеја да постигнеме гол и да дојдеме до позитивен резултат. Победата над Луксембург ни даде поголема самодоверба, но секако јасно е дека ќе треба голема борба за дојдеме до успех“ , изјави на прес конференцијата селекторот на Македонија, Бошко Ѓуровски.
„Јас сум играл тука во Украина и многу добро го познавам менталитетот. Украинците имаат голема пасија кон фудбалот. Јас носам пријатни чувства од тука, ми се допаѓа оваа земја, но се разбира дека многу повеќе ја сакам Македонија и ќе направам се, доколку ми се укаже шанса да постигнам гол и да дојдеме до добар резултат овде во Лвов“, рече пред новинарите напаѓачот Адис Јаховиќ.
Ова ќе биде трет натпревар за Македонија во овие квалификации, после воведниот пораз 5:1 од Шпанија, и победата со 3:2 над Луксембург пред неколку дена. Сега секако се бара нов успех, и затоа сите се спремни да дадат максимум.
Натпреварот Украина-Македонија ќе се одигра на 12 октомври на арената "Лвов’, со почеток од 18:00 часот.
Од Лвов, Фатон Зулбехари
Фото: Димитар Петковски
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....