Објавено на 29 Јануари, 2025 во Вести
Главниот фокус во разговорот меѓу претседателот на ФФМ и Министерот за спорт е иницијативата на двете институции насочена кон развој на фудбалот и спортот, воопшто.
Дискусијата на која присуствуваше и генералниот секретар на ФФМ, Дрилон Ганиу се фокусираше на распределба на средствата од државниот буџет наменети за спортот, подобрување на инфраструктурата, инвестирање во програми од грасрут и национални натпреварувања.
Министерот за спорт, Борко Ристовски ја потврди заложбата за финансирање во фудбалот и упати порака за партнерски однос со ФФМ и поддршка на иницијативите на Федерацијата, нагласувајќи дека развојот на фудбалот се усогласува со националните спортски политики.
Беа дискутирани плановите за подобрување на инфраструктурата на стадионите, подобрување на тренинг центрите и поддршка на младинските селекции.
И министерот и претседателот на федерацијата ја истакнаа важноста на соработката во фокус на јавниот интерес. Се согласија со предлогот за подеднаква распределба на средствата од Министерството за спорт за клубовите кои ги исполнуваат условите за државна поддршка.
„Нашата заложба е да ја поддржиме Федерацијата. Фудбалот е јавен интерес и мора да помогнеме обезбедувајќи правичност и раст на сите нивоа“, истакна министерот Ристовски.
„Ние сме луѓе од спортот и навистина не радува тоа што заедно со Министерството за спорт започнуваме ново ниво на соработка, професионализам и транспарентност. Ја цениме поддршката на владата во создавањето услови за развој на спортот. Една од клучните работи за која се согласивме е распределбата на средствата од Министерството за спорт наменети за клубовите. Еднаквиот третман за сите е наш приоритет и тоа ќе го реализираме. Имаме јасна визија за вложување во фудбалот и спортот воопшто, а кога имате партнер кој точно ги знае потребите, тогаш е многу полесно“, истакна претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
На состанокот се зборуваше и за натпреварите од домашната лига, привлекување инвестиции и подобрување на севкупниот квалитет на фудбалот во земјата. Односот меѓу локалната самоуправа, клубовите и Министерството за спорт е клучен во обезбедување раст на натпреварувањата и подобрување на инфраструктурата.