Објавено на 24 Декември, 2024 во Вести
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ и спортскиот директор на Национални селекции, Горан Пандев одржаа состанок во „Куќа на фудбалот“ со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски.
Oтворено и конструктивно разговараа за сите актуелни настани и важни теми поврзани со најдобрата македонска репрезентација, но и за други аспекти од соработката што допрва започнува меѓу Горан Пандев како спортски директор на Националните селекции и селекторот на нашата А репрезентација.
„Имавме отворен и пред се искрен разговор. Претседателот на федерацијата ја повтори искажаната поддршка за работата на А македонската репрезентација. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас. Тоа е национален интерес и секогаш ќе биде во прв план. Сите треба да се ставиме во функција на тоа и на Македонија. Се надевам дека ќе имаме добра соработка во интерес на тимот, но и на сите кои ја поддржуваат македонската репрезентација,изјави селекторот на А репрезентацијата, Благоја Милевски.
„Драго ми е што отворено разговаравме за тоа што може да биде подобро во иднина и дека заедно ќе се стремиме да одиме напред кон нови победи“, изјави Горан Пандев.
„Заедно со претседателот Омерагиќ ни беше важно да разговараме отворено со селекторот за сите теми и му благодарам што го сфати она што го сметаме за правилно, а тоа е дека како мала држава мораме да се потпреме на сите расположливи сили и фудбалерите кои имаат квалитет мора да помогнат и со настапи во репрезентацијата. Секако, доколку тоа го заслужуваат. Верувам дека ги решивме сите такви прашања и се радувам на новите предизвици“, додаде Горан Пандев.