Соопштение од ФФМ по доставено барање од Агенција за спорт и млади

Објавено на 12 Март, 2019 во Вести


Фудбалската федерација на Македонија секако не се чувствува „спокојно“ откако го проследи најновото барање од Агенцијата за спорт и млади за кое сметаме дека нема правен основ.

Најпрвин, како водечко фудбалско тело во државата, потенцираме дека најновата од низата инспекции во „Куќа на фудбалот“, не донесе никакво конечно решение или било каков акт со кој на било каков начин ја потврдува незаконската работа на Фудбалската федерација на Македонија.

Последниот допис на Агенцијата за млади и спорт до Фудбалската федерација на Македонија, во суштина претставува допис со кој се бара спроведување на обжаленото Решение пред неговата конечност, под закана за одземање на Решение за вршење на дејност спорт на Фудбалската федерација на Македонија.

За да биде појасно, Агенцијата за спорт и млади бара од Фудбалската федерација на Македонија да спроведе Решение против кое е поднесена жалба до надлежениот второтстепен орган. За поднесената жалба против Решението Ип бр. 14-182/2 од 21.01.2019 година на Инспекторот за спорт уредено се известени истиот ден преку Архивата на Агенцијата за млади и спорт.

Доставениот документ за извршување на неконечно Решение кое е донесено од Инспектор за спорт е спротивно на Законот за инспекциски надзор и со тоа претставува пречекорување на овластувањата кои ги има Агенцијата за млади и спорт. 

Дополнително ваквото дејствување во насока на спроведување под закана за одземање, односно поништување на Решение за вршење дејност спорт спроти одржувањето на Редовно Генерално Собрание со вонреден избор на Претседател на Фудбалската федерација на Македонија претставува целосно непочитување на самостојноста на Националните спортски федерации и грубо мешање во работата на Фудбалската федерација на Македонија и е спротивно на член 8 став 1 точка 3 од Уставот на Република Македонија, во кој како темелна вредност на уставниот поредок меѓу другите е и владение на правото.

Од тие причини, ние како Федерација за да постапиме по барањата од Решението потребно е Решението на инспекторот за спорт да стане конечно, за што се води управна постапка и предметот сеуште е во фаза на одлучување пред Второстепената Комисија.

Со оглед на тоа дека во барањето од Агенцијата за млади и спорт се цитирани одредби од Уставот, овде пред се морале да го имаат во предвид членот 15 од Уставот, според кој се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен, пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Со ваквото барање имајки го во предвид член 15 од Уставот, Агенцијата за млади и спорт врши грубо кршење на правата загарантирани со Уставот. 

Исто така, со барањето издадено од страна на овластеното лице на Агенцијата за млади и спорт грубо се крши законот и се прејудицира одлуката на Второстепената комисија, која без да биде донесена, од Фудбалската федерација на Македонија како подносители на жалбата се бара  да постапиме по неконечно решение согласно одредбите од ЗОУП.

Фудбалската федерација на Македонија, уште еднаш нагласува дека никогаш не одбила да почитува било кој македонски закон, па така и Законот за спорт и неговите измени и дополнувања, ниту во било кој момент некој претставник на Федерацијата изјавил дека „Законот не се однесува на ФФМ“, или дека „ФФМ нема да го почитува законот“. Одредбите од Законот за спорт се јасни и Фудбалската федерација на Македонија ги почитува точно онака како што Законот ги пропишува.

Фудбалската федерација на Македонија ќе го почитува секој конечен акт на државен орган донесен во предвидена соодветна постапка.

По однос на застапеноста на фудбалските клубови, вклучувајќи ги сите фудбалски чинители (фудбалери, тренери, судии, ветерани, фудбалски работници) истите се претставени во Собранието на Фудбалската федерација на Македонија. Во Статутот пишува дека основни членки на фудбалската огранизација се токму Општинските фудбалски Сојузи и сите фудбалски клубови и спортски работници своите права ги остваруваат преку Општинските фудбалски Сојузи кои се здружени согласно член 13 од Законот за спорт. Тие се фудбалска влада, луѓе кои водат грижа за клубовите и фудбалерите. Тоа се живи луѓе, а нѐ некоја фантомска организација.

Веруваме дека низ конструктивен дијалог, Фудбалската федерација на Македонија може да биде корисен партнер на Управниот орган за спорт пред кој за решавање стојат бројни предизвици, а кои можат да се решат само ако навистина како државно тело за спорт го сметате фудбалот и спортот воопшто за дејност од посебен државен интерес.

Фудбалската федерација на Македонија, како и секогаш досега, ќе биде кооперативна во соработката со државните тела и органи и очекуваме дека од предметните дејства нема да се прават сензации, а посебно да се прејудицираат било какви изходи. 




   
   
А репрезентација