Објавено на 04 Август, 2014 во Вести
Сметаме дека станува збор за крајно неразбирливо, нерационално однесување на поедници од навивачката група на ФК Вардар, кои со своето однесување го доведоа во прашање животот на поголемиот дел од поддржувачите на клубот и придонесоа да се фрли “црна дамка” врз еден фер и спортски натпревар, вистинско македонско дерби, со кое стартуваше новата сезона во домашниот шампионат.
Како вистински спортски работници го искажуваме своето искрено жалење за сите поврдени кои со своето спортско однесување тоа не го заслужија, а истовремено сите хулигани, вандали, уништувачи на македонскиот фудбал и сите оние кои вистински не го сакаат спортот и фудбалот им порачуваме дека треба да останат надвор од спортските арени.
Фудбалската федерација на Македонија заедно со клубовите „Пелистер“ и „Вардар“, нивните спортисти и спортски работници сторија сѐ што е потребно овој натпревар да биде празник на фудбалот во Република Македонија. За жал и покрај сериозните подготовки и ангажирање на клубовите, локалната самоправа, Министерството за внатрешни работи и Федерацијата, сепак во последните минути натпреварот беше искористен за манифестирање на насилничко и недолично однесување на поединци од навивачка група, со што сами се класифицираа во хулигани, кои не ги интересира спортот и спортскиот натпревар.
Спроти почетокот на фудбалскиот шампионат, ФФМ организираше работилница со комесарите за безбедност на клубовите од Првата и Втората лига на тема „Безбедност и сигурност на фудбалските натпревари“ и укажа од потребата од почитување на насоките и кодексот кон кој се стреми ФФМ во однос на прашањето за безбедност на натпреварите, напоменувајќи дека и клубовите го делат мислењето дека низ почитување на законите и подобрувањето на инфраструктурата може да се постигне подобра сигурност за сите оние кои заслужуваат да имаат право слободно да навиваат за своите клубови, а притоа да не бидат загрозени од оние чија намера е искажување на насилно однесување и загрозување на спортот.
Секој клуб како организатор на натпреварите е одговорен за своите постапки во однос на правилата поставени од страна на надлежните државни институции и Фудбалската федерација на Македонија и сноси одговорност за последиците од своите одлуки кога е во прашање (не)спроведувањето на зададените мерки.
ФФМ е и понатаму уверена дека само со строго и доследно применување на прописите и почитувањето на превентивните мерки од надлежните институции и тела може да се решат проблемите како што се хулиганизмот и насилството во спортот. Мерките за безбедност на натпреварите постојат со причина и ФФМ очекува од клубовите да бидат сојузници во спроведувањето на истите се со цел да се искорени проблемот со нередите на спортските борилишта.
Полните трибини без инциденти, со примерно однесување и без нереди, без национализам и дискриминација, се клучни цели на сите учесници во македонскиот фудбал, од Фудбалската федерација на Македонија и клубовите преку навивачките групи, јавноста и медиумите до државните институции во целина.
Како и секогаш, ФФМ апелира до сите вистински поддржувачи на фудбалот во Македонија, дека на терените фудбалот е на првото место! Нека нѐ обедини радоста, а не омразата!
Македонија славеше против Летонија со 1:0 со голот на Серафимов. Столе Димитриевски повторно без примен гол....