Објавено на 07 Септември, 2014 во Вести
Најдобрата македонска фудбалска репрезентација ги привршува подготовките за стартот на новиот квалификациски циклус за ЕУРО 2016 и првиот натпревар против Шпанија на 8 септември во Валенсија. Репрезентативците веќе неколку дена се подготвуваат во периферија на Валенсија, и сега се спремни за утрешниот натпревар. Проблем за селекторот Ѓуровски е повредата на Ферхан Хасани, кој што беше предвиден како стартер, но сега отпадна од комбинација. Сепак, тоа не смее да ги наруши плановите на репрезентацијата и стручниот штаб кој работи на подигнување на моралот на играчите. Иако се знае која е Шпанија, сепак Македонија нема да се брани и ќе бара активен резултат.
“Планираме да играме напаѓачки. Иако играме со Шпанија, нема да се браниме. Сакаме да играме пресинг кога топката ќе биде кај противникот и да бидеме на нивна половина во моментот кога ќе почнат акција. Значи треба притиснеме уште од самиот почеток на натпреварот”, изјави селекторот на Македонија, Бошко Ѓуровски.
Стручниот штаб преку тренинзи и состаноци подготвува тактика која би требало да донесе позитивен резултат. На играчите им е укажано што се очекува од нив, и паралелно е анализирана играта на противникот. Сите се сложуваат дека ќе биде тешко и дека Шпанија е апсолутен фаворит, но никој не може да ни го оспори правото да се надеваме и да се бориме за изненадување.
“Сакаме да играме храбро, со голема самодоверба, интелегенција и одговорност. Цело време ова им го укажувам на играчите. Сакам да веруват во себе, без разлика на силата на противникот. Само така ќе можеме да се надеваме на добар резултат. Почит да, но никако страв од Шпанија. Треба да играме максимално дициплинирано, борбено и со одговорност на поставените задачи. Ако успееме да го спроведиме на дело, тоа што го работивме на тренинзи, верувам дека би можеле да очекуваме позитивен резултат”, рече Ѓуровски, кој потврди дека Хасани отпадна од комбинација.
“За жал Хасани се повреди и нема да биде во комбинација, иако цела недела работеше многу и беше планиран како стартер”,заврши Ѓуровски.
Репрезентативците вечерва ќе го одработат последниот тренинг на стадионот ‘Cuidat de Valencia’, каде утре од 20:45 ч. ќе се одигра натпреварот Шпанија-Македонија, на кој селекторот Бошко Ѓуровски ќе го има официјалното дебито во квалификацискиот циклус.