Објавено на 08 Август, 2018 во Вести
На денешен ден пред една година, Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА го организираа УЕФА Супер Куп натпреварот меѓу великаните на светскиот фудбал, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.
Скопје беше домаќин на најголемиот натпревар во историјата на нашата држава. На Националната Арена „Филип Втори“ дојдоа светските ѕвезди предводени од најдобриот во светот, Кристијано Роналдо, актуелните светските шампиони Погба и Варан, најдобриот од последниот мундијал Лука Модриќ и уште многу други фудбалски супер ѕвезди како Иско, Тони Крос, Бејл, Серхио Рамос, Лукаку, Матиќ...
Во нашата престолнина официјални гости беа и легендарните Сер Алекс Фергусон, Сер Боби Чарлтон, Раул, Емилио Бутрагењо, Звонимир Бобан, Марко Ван Бастен, како и највисоките претставници на УЕФА и ФИФА предводени од претседателите Александар Чеферин и Џани Инфантино.
Навивачите од цела Европа уживаа во натпреварот на двата гиганти на светскиот фудбал, а на крајот Реал Мадрид победи со 2-1.
УЕФА со многу комплименти се заблагодари за прекрасната организација, нарекувајќи го настанот - Најдобар во историјата на Супер Куп натпреварувањето.