Објавено на 17 Март, 2015 во Вести, Футсал
Селекторот Скендеровски вели дека ова е историска шанса за
Македонија за да се квалификува на едно големо натпреварување.
„За прв пат сме домаќини на еден квалификациски турнир. Можам да кажам дека
ова е историска шанса на генерацијата. Веруваме во нашиот квалитет, се наоѓаме
во група која е по наша мерка. Утрешниот натпревар кој го играме против
селекцијата на Унгарија е најважен. Унгарија е силна репрезентација предводена
од одличен тренер кој има големо искуство и многу натпревари зад себе.
Располагаат со јак колектив, играат модерен и брз фудбал со различни формации,
селекција која е многу непредвидлива и опасна во секој дел од теренот. Кажав и
претходно, Шпанија е апсолутен фаворит, не само во овие квалификации, туку и на
Европското Првенство кое ќе се одржи во Србија. Швајцарија е аутсајдер во
групата. Очекувам голема подршка од навивачите кои се надевам дека ќе ни ја
дадат потребната енергија за да се прикажеме во одлично светло на овие
историски квалификации за нас." изјави Васко Скендеровски.
Капитенот на нашата футсал репрезентација Зоран Левески вели дека атмосферата
во националниот тим е на највисоко ниво и сите со нетрпение го очекуваат
стартот на овие квалификации
„Нашата селекција е доста искусна, повеќе од 5 години сме заедно во
репрезентацијата и доста добро се познаваме. Ова претставува историска
шанса за нас. Унгарија е противник по мерка, од вториот шешир. Се надеваме дека
ќе бидеме првата репрезентација од ФФМ која ќе игра бараж и ќе се пласира на
едно Европско првенство" изјави Зоран Левески за официјалната прес конференција
на фудбалската федерација на Македонија.