Шкендија го освои Купот на Македонија

Објавено на 16 Мај, 2016 во Вести


Екипата на тетовска Шкендија успеа да го освои првиот трофеј од националниот Куп против Работнички во својот трет обид. Во крајно динамичен и возбудлив натпревар до самиот крај, фудбалерите на Шкендија славеа победа со 2:0.

На националната арена „Филип Втори" двете екипи одиграа израмнет натпревар, со доста отворена игра, многу борба и шанси пред двата гола. Избраниците на тренерот Бруно Акраповиќ беа многу посигурни во завршница, искористија дел од своите можности и сосема заслужено се радуваа на освоениот трофеј од Купот на Македонија.

Натпреварот започна со отворени напади и иницијатива на Шкендија која резултираше со брз погодок во мрежата на Шишковски. Марјан Радески ја искористи поволната ситуација во која се најде и во 7. минута стрелаше за водство на својата екипа. Како што одминуваше времето, Работнички ги консолидираше своите редови и играше се подобро. Во првото полувреме одлични шанси пропуштија Галиќ и Алтипармаковски.

Во продолжението, Работнички фрли се на една карта, целосно се отвори, што автоматски значеше и поголем простор за брзите напаѓачи на Шкендија. Жуниор и Цуцули во вториот дел ги имаа најдобрите можности за својата екипа. Најдобрата прилика на натпреварот ја имаше Кире Маркоски, но гредата беше сојузник на Јовановски. Конечните 2:0 ги постави Жуниор во 95. минута од средбата.

ШКЕНДИЈА - РАБОТНИЧКИ 2:0 (1:0)

7` Радески 1:0; 95` Жуниор 2:0

ШКЕНДИЈА: Јовановски, Бејтулаи, Цуцули, Тодоровски, Демири, Вујчиќ,Јуфо (Положани), Жуниор, Ибраими, Радески (Хасани), Алими, Јуфо;  Тренер: Бруно Акраповиќ;

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Илиевски, Миловановиќ, Херера, Елмаз (Маневски), Најденов, Сахити (Сахити)), Алтипармаковски, Трајчевски, Галиќ (Маркоски); Тренер: Томислав Франц

Го исполнивме тоа што ни беше зацртано пред натпреварот. Уживав во натпреварот. Сакам да им честитам на моите играчи, но и на фудбалерите на Работнички поради одличната игра која ја прикажаа. Голема благодарност и до нашите верни навивачи кои не бодреа во сите 90 минути.", изјави тренерот на Шкендија, Бруно Акраповиќ веднаш по натпреварот.

Честитки до фудбалерите на Шкендија на освоениот трофеј. Лошо го започнавме натпреварот и тоа не чинеше трофеј во денешното финале. Имавме и период на добра игра, кога ги притиснавме фудбалерите на Шкендија, но не успеавме да реализираме. Разликата во овој натпревар беше во тоа што Шкендија максимално ги искористи своите можности, а ние не" изјави тренерот на „романтичарите“, Томислав Франц.



   
   
А репрезентација