ШИКОВ И ХАСАНИ ПОРАДИ ПОВРЕДА НЕМА ДА БИДАТ ВО СОСТАВОТ НА А РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ЗА НАТПРЕВАРИТЕ ПРОТИВ КАМЕРУН И КАТАР

Објавено на 19 Мај, 2014 во Вести

Дефанзивецот Ванче Шиков и играчот од средниот ред Ферхан Хасани поради повреди нема да бидат во составот на А репрезентацијата на Македонија за контролните натпревари против Камерун и Катар на 26 и 30 мај во австриски Куфштајн и Риети во Италија.


Дополнителен повик за првиот натпревар против Камерун нема да има, одлучи селекторот на нашата најдобра репрезентација, Бошко Ѓуровски.

-Шиков и Хасани дефинитивно не се во состојба да ни помогнат за натпреварите против Камерун и Катар, ме информираа дека поради повреда ќе ги пропуштат подготовките и натпреварите во Австрија и Италија. За првата пресметка против Камерун немаме потреба од дополнителен повик, веројатно тоа ќе го направиме пред дуелот со Катар. Поради повреда исто така не можеме да сметаме ниту на Аријан Адеми, од таа причина Адеми не беше ниту во составот на Динамо Загреб против Хајдук во дуелот од хрватската лига. Потребно му е време да се опорави од повредата, а за нас е најважно да го имаме потполно подготвен за најбитните натпревари. Бројката на фудбалери кои поради повреда нема да бидат со тимот не е воопшто мала, недостасуваат и Стјепановиќ, Ристовски, Демири и Алиоски, но тоа не значи дека ќе ја менуваме и нашата главна цел за двата натпревари, а тоа е да се претставиме во добро издание и да ги видиме квалитетите на поголем дел од фудбалерите кои досега немале вистинка прилика да се докажат во А репрезентацијата, изјави селекторот Ѓуровски.

Македонската репрезентација утре патува за австриски Куфштајн. До натпреварот со Камерун на 26 мај во 19.00 часот, тимот на Ѓуровски ќе одработи вкупно осум тренинзи. Натпреварот против Катар го играме на 30 мај во Риети со почеток во 19.00 часот.




   
   
А репрезентација