Објавено на 24 Август, 2015 во Вести, Вести
Имено, поради дисторзија на рамото Јован Костовски нема да биде во можност да одговори на репрезентативните обврски, па поради тоа на негово место е повикан Крсте Велковски кој настапува за ФК Сараево.
- За жал стигна конечна потврда дека Јован Костовски нема да може да настапи на претстојните квалификациски натпревари со Луксембург и Шпанија поради сериозноста на повредата на рамото. На негово место е повикан Крсте Велковски од ФК Сараево кој во моментов се наоѓа во одлична форма и сметаме дека ќе одговори на висина на задачата. Мора да споменам дека во изминатиот период водевме интензивни разговори и со Иван Тричковски кој неодамна потпиша за Легија Варшава. Тој има голема желба да се врати во репрезентацијата, но во моментов не е доволно физички подготвен да одговори на обврските. Искрено се надеваме дека брзо ќе се врати во форма и дека ќе може да сметаме на него во преостанатите натпревари од циклусот.
За трет голман беше избран Даниел Божиновски, пред сѐ поради извонредните настапи за ФК Работнички во натпреварите од УЕФА Европа Лигата. Би сакал да ја искористам оваа прилика да им честитам на сите играчи и стручниот штаб на ФК Работнички за досегашните успеси во ова натпреварување, со што го претставија Македонскиот Фудбал во најдобро светло. Би сакал и да им посакам среќа за претстојниот натпревар против Рубин Казан. Се надевам дека сите фудбалери ќе се вратат неповредени од ова тешко гостување, а повиканите во репрезентацијата ќе имаат дополнителен елан да го дадат својот максимум за националниот тим - истакна техничкиот менаџер на А репрезентацијата, Саша Ќириќ.