Репрезентација до 21 година: Патот до конечен успех е долг. Мораме да се држиме заедно

Објавено на 14 Октомври, 2015 во Вести, До 21 год

Реакција на дел од играчите во македонската репрезентација до 21 година по победата над Северна Ирска во натпреварот од квалификациите за Европското првенство.

Давид Бабунски

Среќен сум за победата, за добрата и борбена игра, за менталитетот што заеднички го градиме во тимот. Горд сум што оваа екипа потврдува на терен дека нема респект кон ниту еден противник. Знаеме што сакаме и што треба да направиме. Примивме погодок во незгоден момент, но знаевме дека нема да се откажеме од зацртаната цел. Сакаме да пратиме порака дека овој тим има светла иднина. На секој натпревар излегуваме да се надигруваме и бараме победа. Така ќе биде и во иднина. Победата против Северна Ирска е значајна, но ја оставаме за себе. Сега се насочуваме кон репрезентацијата на Франција која ни гостува на 15. ноември. Патот до конечен успех е долг, но одиме чекор по чекор. Заслужуваме поддршка.

Ѓоко Зајков

Работевме максимално овие неколку денови подготвувајќи се за натпреварот. Го анализиравме противникот, кој иако е послабо рангиран од нашата репрезентација покажа дека заслужува почит и не е воопшто наивен. Ги исполнивме обврските кои ги имавме и задачите што селекторот ги бараше од нас. Во првото полувреме примивме несреќен гол, иако имавме игра, создававме шанси и бевме подобри. Но трпеливо ја чекавме шансата, имавме самодоверба, бевме мотивирани затоа што знаевме дека сме подобри и дојдовме до посакуваната цел. 

Кире Маркоски

Одигравме одличен меч, создадовме многу шанси, а најважно е што победивме. По долго време една наша репрезентација издвојува победа во натпревар на кој има негатива по првото полувреме. Немавме среќа во првото полувреме, создадовме одлични шанси за гол, но топката како да не сакаше да влезе во мрежата на противникот. Се вративме резултатски на почетокот од вториот дел, целосно доминиравме, а потоа заслужено постигнавме и победнички гол. Мојот погодок за победа е заслуга на сите во тимот. Се радувам на овој состав.

Бобан Николов

Радосен сум што победивме. Доминиравме во текот на целиот натпревар, покажавме карактер и од негатива во првото полувреме успеавме да се вратиме и да издвојуваме победа. После овој натпревар остануваме присебни и цврсто на земја бидејќи имаме уште седум натпревари на кој треба да го покажеме квалитетот со кој располагаме. Веќе сме фокусирани на следниот наш натпревар против фаворитот во групата Франција.




   
   
А репрезентација