Репрезентација до 21 година: Да го наплатиме трудот

Објавено на 10 Јуни, 2015 во Вести, До 21 год

Македонската репрезентација до 21 година утре против Исланд на гостински терен ги отвора квалификациите за пласман на Европското првенство 2017 година.

Нашата млада селекција веќе е во Рејкјавик каде денеска во 21.15 по македонско време ќе го одработи официјалниот тренинг спроти првиот квалификациски натпревар. На тимот предводен од Благоја Милевски му се приклучи и фудбалерот на Барселона Б, Давид Бабунски. Дефанзивецот на француски Рен, Ѓоко Зајков смета дека екипата ќе биде на висина на задачата на утрешната пресметка. 


-Важно е сите да бидеме на високо ниво, да со помагаме еден на друг, да бидеме пожртвувани, а ако го имаме тој пристап мислам дека нема да има проблеми за нашиот голман. Веруваме во своите квалитети, одлично се подготвивме за дуелот и се надеваме дека со позитивен резултат ќе ги отвориме квалификациите, вели Зајков.

Нашиот репрезентативец и фудбалер на Силекс, Ангелче Тимевски вели дека Исланд е квалитетна екипа, но најважни сме ние и доколку ги исполниме инструкциите на селекторот Милевски ќе оствариме добар резултат.


-Имавме релативно долги подготовки и одлично ги реализиравме. Ќе се обидеме да го наметнеме својот ритам на игра, ќе се бориме да освојуваме топки и да создаваме шанси. Исланд потврди дека е многу квалитетен тим, но доколку ние одиграме на начинот на кој тоа го бара селекторот сметам дека ќе успееме позитивно да ги отвориме квалификациите, вели Тимевски.

Дарко Велковски веројатно ќе има многу важна улога во играта на македонската репрезентација, фудбалерот на Работнички е подготвен за предизвикот, верува во успех.


-Натпреварот е важен и ќе биде многу тежок. Ако бидеме компактни и доволно агресивни ќе има помалку работа и за одбраната. Сите ние сме подготвени да се соочиме со предизвикот во Исланд, јасно е дека ќе биде поразличен натпревар во однос на контролните со Словенија, Романија и Црна Гора, но ние ќе ја бараме таа наша игра, игра која ни носи успех. Се надевам дека со кренати глави ќе го напуштиме стадионот. Селекторот верува во нас, добро сме подготвени и со нетртпение го чекаме вистинското, вели Велковски.

Натпреварот Исланд - Македонија се игра утре во 21.15 часот.



   
   
А репрезентација